
По 45. пат денеска во Кочани се одржа Марш на ангелите во кој родителите на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ уште еднаш побараа правда и вистина за своите најблиски.
„Кога пред родители што ги изгубиле децата се зборува која поголема жртва, тоа не е одбрана, тоа е газење врз нашата болка. Не бараме пресуда однапред, бараме одговори, бараме сериозност и барем малку достоинство. И едноставно прашање. Дали секој што имал должност ја извршил совесно, професионално и во рамки на своите овластувања? Бидејќи, за едни ова се минути, листинзи и процедури, за други ова е живот што повеќе никогаш нема да се врати“, порачаа учесниците на Маршот.
Од протестната поворка во 18:05 часот од Паркот на револуцијата беше упатено прашање до институциите дали секој што имал должност ја извршувал совесно, професионално и во рамките на своите овластувања.
45. марш се одржа по вчерашното рочиште, каде полицајците кои кобната ноќ беа во „Пулс“ тврдеа дека се обвинети затоа што спасувале деца. Дел од родителите им порачаа дека се највиновни за смртта на 63 млади луѓе.