
Филипче повика на обединување на прогресивните сили за да се победи „црната коалиција“ на Балканот
Криминалните мрежи и ретроградните политички структури имаат заеднички интерес да го блокираат напредокот на државите од регионот, рече лидерот на СДСМ на денешната меѓународна конференција на која беше промовирана „Скопската иницијатива“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната меѓународна конференција на која беше промовирана „Скопската иницијатива“, повика на обединување на прогресивните сили од регионот во заедничка борба против национализмот, популизмот, организираниот криминал и антиевропските политики. Во воведното обраќање Филипче порача дека регионот се соочува со сериозен предизвик од авторитарни, националистички и коруптивни структури, на кои прогресивните сили мора да одговорат со единство, соработка и заедничка акција. Тој порача дека прогресивните сили мора да покажат единство и одлучност во спротивставувањето на ретроградните политики во регионот.
„За да ја победиме оваа ‘црна регионална коалиција’, мора да одговориме со единство, одлучност и долгорочна соработка“, порача Филипче.
Лидерот на СДСМ нагласи дека нема друга алтернатива освен меѓусебна поддршка и заедничко дејствување за зачувување на европскиот пат, демократијата и социјалната правда во регионот.
Во своето воведно обраќање, Филипче порача дека Западен Балкан се наоѓа пред историска можност да го заврши процесот на европска интеграција, но и пред сериозен предизвик од силите кои работат против демократијата и европската иднина на регионот.

„Антиевропските сили се поорганизирани од кога било досега и решени да ја одложат, ако не и целосно да ја спречат, европската интеграција“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека национализмот, популизмот, организираниот криминал и екстремизмот сè повеќе дејствуваат како заеднички фронт против реформите и европските вредности.
„Домашниот национализам, популизмот, организираниот криминал и екстремизмот сè повеќе се здружуваат во своето спротивставување на реформите, демократијата и европската интеграција“, рече Филипче.
Криминалните мрежи и ретроградните политички структури имаат заеднички интерес да го блокираат напредокот на државите од регионот.
„Особено загрижува блиската соработка помеѓу организираниот криминал и националистичко-популистичките структури. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција“, нагласи претседателот на СДСМ.
Филипче посочи дека токму затоа е потребна нова форма на регионално поврзување на прогресивните сили преку „Скопската иницијатива“.
„Повеќе од кога било, на нашиот регион му е потребна силна прогресивна коалиција – коалиција на социјалдемократски партии, прогресивни организации и поединци кои се подготвени да му се спротивстават на овој регрес“, порача тој.
Претседателот на СДСМ нагласи дека предизвиците со кои се соочуваат државите од Западен Балкан се заеднички и бараат заеднички одговор.
„Потребна ни е конкретна акција. Потребна ни е солидарност и меѓусебна поддршка. Потребни ни се заеднички стратегии, споделено знаење и координирани напори“, истакна Филипче.
„Скопската иницијатива е акција за зајакнување на регионалната соработка меѓу социјалдемократските и прогресивните политички партии во нашиот регион“, истакна Филипче.

Тој оцени дека Западен Балкан се наоѓа во клучен момент кога по долгогодишни застои повторно постои реална можност за членство во Европската Унија.
„Нашата генерација има единствена можност да го заврши овој процес. Имаме можност не само да исполниме една стратешка цел, туку и да го оствариме долгогодишниот сон на цела една генерација“, рече Филипче.
Тој посочи и на лицемерието на оние кои јавно настапуваат како противници на европската интеграција, додека својата лична и деловна иднина ја врзуваат токму за земјите членки на Европската Унија.
„Овие самопрогласени патриоти и бранители на националниот идентитет најдобро ја откриваат сопствената хипокризија преку тоа каде ја обезбедуваат својата лична и деловна иднина – најчесто токму во Европската Унија – додека истовремено шират дезинформации за иднината на Европа меѓу своите граѓани“, рече Филипче.

Обраќајќи се на конференцијата, Даша Шашиќ Шиловиќ од Корчуланската висока политичка школа, рече дека се потребни иновативни решенија и нови пристапи за предизвиците со кои се соочуваме во овој регион.
„Предизвиците се всушност големи, синоќа разговаравме за голем број клучни предизвици, а еден е назадувањето на демократијата, владеењето на правото. Авторитарните режими кои го крунисуваат целиот регион и го попречуваат напредокот“, рече Шашиќ Шиловиќ.
Таа се осврна и на родовата нееднаквост, корупцијата, економските проблеми за кои рече дека ќе не мачат со оглед на авторитарните режими што ги имаме во овој момент.
„Некој ќе мора да ја плати сметката еден ден и за жал, најверојатно тоа ќе бидат помладите генерации“, рече таа додавајќи дека со претседателот на СДСМ исто така зборувале и за одливот на мозоци и за начините како да се спречи одливот на мозоци на поиновативен начин, повикувајќи да се размислува „надвор од кутијата“.
„Ајде да ја искористиме оваа можност да размислуваме ‘надвор од кутијата’ и да создадеме, како што рече Венко, соработка, платформи за соработка“, рече таа нагласувајќи дека една од предностите што сите ја имаат овде е соработката со европските социјалисти и со други партии во Европа, како и дека е тоа одлична можност за да се прошири оваа мобилизација на пошироката европска и меѓународна социјална, демократска и социјалистичка сцена.
Таа се осврна и на назадувањето во родовата еднаквост како еден од поголемите предизвици со кои се соочуваат современите општества.
„Назадувањето, како што знаете, во однос на родовата мрежа, е многу во вредностите, многу во нашите принципи. Ако требаше да ја земеме родовата еднаквост како лакмус тест за демократија, на почитување на човековите права, на владеењето на правото, кога станува збор за насилство итн, токму тука мислиме дека треба да ја користиме рамноправноста на жените и родовата еднаквост како едно од тие прашања што директно го предизвикуваат нашиот пат кон демократија, но исто така и кон интеграцијата во ЕУ.
„Дозволете ми да кажам дека нема повлекување. Не треба да се повлекуваме. Ние треба да се обидеме да разговараме за тоа како да водиме во одбраната на нашите вредности и обликување на следното поглавје од социјална правда, солидарност и еднаквост“, рече Шашиќ Шиловиќ додавајќи дека не може да се дозволи стабилократија и не треба да се дозволи стагнација.
Осврнувајќи се на процесто на евроинтеграција на земјите од регионот таа рече дека една од клучните пораки што би сакала да ја сподели, е дека Западниот Балкан не треба да биде и не е товар за Европа, туку е и може да биде стратешка предност на Европа.
„Голем дел од тоа всушност зависи од нас и многу зависи од тоа дали сме отворени за тоа. Значи, проширувањето не треба да биде бирократски процес туку на него треба да се гледа како на геополитички императив и трансформативна сила за регионот и за неговите луѓе, рече Шашиќ Шиловиќ во воведнот излагање.
Конференцијата продолжува со работа, а работната тема е „Мобилизација за иднината на прогресивните сили на Западен Балкан“. Присуствуваат регионалните прогресивни и социјалдемократски сестрински партии, како и претставници на социјалдемократски и прогресивни фондации од регионот, од Партијата на европските социјалисти (PES), Групата на социјалисти и демократи (S&D Group), Социјалистичката интернационала (SI), Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS), сестринските партии од Европската Унија, како и членови на Управниот одбор и Советодавниот совет на Родовата мрежа на Централна и Источна Европа и други партнери на Корчуланската школа.