УЈП ја почнува третата фаза од проектот за е-фактура

Почнува третата фаза од проектот за е-фактура во рамките на која Управата за јавни приходи овозможува тестирање на системот за е-фактура преку веб-апликација, со цел компаниите да добијат пристап до практична тест-околина за електронска размена на фактури, информира денеска УЈП.

Почнува третата фаза од проектот за е-фактура во рамките на која Управата за јавни приходи (УЈП) овозможува тестирање на системот за е-фактура преку веб-апликација, со цел компаниите да добијат пристап до практична тест околина за електронска размена на фактури – информира денеска УЈП.

Во првата фаза се тестира интеграцијата на ЕРП-системите на компаниите со системот за е-фактура.

Во втората фаза се додадени API-сервиси за преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање е-фактура и се овозможи тестирање повеќе даночни индикатори. Со овие измени се промени структурата на API-повиците и JSON-форматот поради што компаниите повторно ги приспособија своите системи во согласност со новите спецификации објавени на https://efakturawiki.ujp.gov.mk

– Во третата фаза се преминува на веб-апликација преку која секоја компанија – мала, средна или голема – може едноставно да тестира креирање документ, испраќање, прифаќање, одбивање и сторнирање. Апликацијата овозможува тестирање на општата фактура со 12 даночни индикатори. Со веб-апликацијата се овозможува поедноставен пристап до тест-околина за сите деловни субјекти независно од нивната големина или техничка подготвеност, а воедно се поттикнува постепена подготовка за примена на системот за е-фактура – соопшти УЈП.

Воедно, со цел тестирањето да биде структуирано Управата за јавни приходи воспостави соработка со речиси 200 компании – избрани тестирачи, кои во соработка со назначени даночни агенти од УЈП ќе спроведуваат структуирано тестирање. Притоа ќе се тестираат избрани тест-сценарија и компаниите континуирано ќе доставуваат повратни информации до Управата за јавни приходи.

Управата за јавни приходи информира дека континуирано спроведува едукативни средби за компаниите преку стопанските комори, бизнис-заедницата и други здруженија. Досега се одржани приближно 30 информативно-едукативни средби, на кои се презентирани клучните аспекти на системот и процесите поврзани со е-фактура.

Во соработка со стопанските комори, во наредниот период предвидено е организирање дополнителни средби со компании во повеќе региони во државата, со цел нивно подетално запознавање со функционалностите и начинот на користење на системот за е-фактура.

– Во наредниот период исто така ќе бидат објавени и вебинар и детално упатство, кои ќе им послужат како дополнителна поддршка на сите компании што самостојно ќе ги тестираат процесите за креирање и размена на е-фактури – најавува УЈП и ги повикува компаниите активно да ја тестираат веб-апликацијата и да доставуваат забелешки, предлози и препораки за нејзино понатамошно подобрување, како и предлози за дополнување и унапредување на даночните индикатори и функционалностите на системот.

И оние компании што немаат назначено даночен агент, УЈП ги охрабрува да пробуваат и да пристапат кон тестирање на функционалноста на системот, како и навремено да пријават евентуални забелешки или технички потешкотии.

Корисни информации за тестирањето: потребна документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk; регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg; тес- платформа за е-фактура: https://efakturatest.ujp.gov.mk; контакт за поддршка: Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk.