Сиљановска-Давкова: Глаголицата е ода на светлината што ги поврзува народите

Глаголицата како живо културно наследство што обединува и создава современи уметнички вредности е во фокусот на изложбата „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за св. Кирил и Методиј“, што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја посети во Националниот центар за култура и образование во Братислава потенцирајќи ја нејзината улога во надминување на границите и зацврстување на културните врски меѓу земјите.

Глаголицата како живо културно наследство што обединува и создава современи уметнички вредности е во фокусот на изложбата „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за св. Кирил и Методиј“, што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја посети во Националниот центар за култура и образование во Братислава потенцирајќи ја нејзината улога во надминување на границите и зацврстување на културните врски меѓу земјите.

На изложбата се претставени дела од македонските уметници Ана Митевска, Ангел Коруновски, Лазе Трипков и Александра Костадиновска, под кураторство на Кирил Пенушлиски, а преку сликарство, фотографија и современи визуелни интерпретации се истражува врската меѓу историската меморија и современиот уметнички израз.

Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека изложбата носи силна симболика и пораки за поврзаноста на културното наследство и современоста.

– Тешко е да зборувате кога сте импресионирани. Меѓутоа, мислам дека насловот доволно открива. Ако сме слушнале за „Ода на радоста“ во музиката, тогаш навистина глаголицата е ода на светлината. И јас се просветлив во овој модерен простор со мошне силни пораки. Најсилната за мене е тоа што уште еднаш ми се потврдува дека не случајно ги разбирам натписите на улиците – тие нè потсетуваат на македонскиот јазик. Всушност, се знае дека изворот е во глаголицата – изјави претседателката.

Таа нагласи дека глаголицата претставува мост што ги поврзува народите и културите бришејќи ги географските дистанции.

– Уште еднаш се покажа дека креативноста, умот и талентот се поврзани со светлината. И, да, ова во моментот е град на светлината, простор што осветлува, каде што се покажува дека далечината меѓу Скопје и Братислава исчезнува за миг бидејќи она што нè поврзува навистина е глаголицата – рече Сиљановска-Давкова.

Посочи дека изложбата отвора можност за натамошно поврзување на културните точки поврзани со делото на Кирил и Методиј.

– Во разговорот со најзаслужните за оваа прекрасна изложба, како и со амбасадорките – нашата и словачката амбасадорка во Скопје – заклучивме дека можеби следниот природен чекор е кон Рим. Можеби и таму сите овие точки би можеле да се поврзат и да создадат едно уметничко и културно соѕвездие на Кирил и Методиј – истакна претседателката додавајќи дека „се чувствува просветлено – нешто што им е многу потребно на политичарите одвреме-навреме“.

Кураторот на изложбата, Кирил Пенушлиски, ја нагласи современата димензија на културното наследство.

– Ова е изложба што обединува четворица македонски уметници и покажува дека културното наследство не припаѓа само на музеите, туку дека е жива материја врз која може многу да се создава. Исклучително сум задоволен од тоа како поминавме тука, особено со соработката со македонската амбасада во Братислава и со културните институции што ни помогнаа. Се отвораат и други можности и најверојатно изложбата ќе биде претставена и на други места – изјави Пенушлиски.

Изложбата, која беше отворена на 27 мај, ќе трае до 16 јуни, со поддршка на македонската амбасада во Братислава и Министерството за култура и туризам.