Азески: 65% од компаниите кај нас се соочуваат со недостаток на стручен кадар!

Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија – Бранко Азески вели дека клучните прашања за подобрување на бизнис-климата ги гледа во осум точки, а вели дека комората има подготвени приоритети, за нив има дискусии и владина согласност, но затајува имплементацијата.

За економските последици од војната во Украина во Македонија и посочените три канали преку кои се пренесува кризата, Азески вели:

„Преку цената на енергенсите, храната и чиповите, преку последиците врз европската економија поради судирот Русија -Украина и од трговската размена на Македонија со Русија и Украина. Фактот што клучните производи како природен гас, нафта и пченица доаѓаат од Русија и Украина, е само потврда за веќе зголемените цени за широка потрошувачка, без разлика дали трговската размена е директно помеѓу Македонија и овие две земји или преку канали на ЕУ. Уште повеќе загрижува фактот дека индиректните ефекти преку влијанието на конфликтот врз економијата на ЕУ имаат потенцијал да го намалат извозот и инвестициите (кон и од ЕУ), да ги намалат дознаките на нашите иселеници во ЕУ, а со тоа и расположливиот доход на домаќинствата во Македонија и личната потрошувачка. Високиот пораст на цените ја поткопува куповната моќ на населението во ЕУ, што ќе се рефлектира во помала побарувачка за наши производи и услуги. Од стопанството најзасегнати се градежната индустрија, автомобилската индустрија, која произведува автомобилски компоненти, металургијата“.

Тој како решение за кризата вели дека прво треба да се „дефинира модел на поддршка за потрошената електрична енергија. Потоа преку прилагодување на концептот на јавните набавки; административни постапки за градежни дозволи за поставување фотоволтаици за сопствено производство се многу долги, што оневозможува на краток период обезбедување поевтина струја. На крај да запре носењето Закони по брза постапка која го усложнува бизнис амбиентот на компаниите“

Азески како најголем проблем на бизнисот и економијата во Македонија, доколку не беше војната во Украина смета дека е недоволен број квалификуван и стручен кадар како последица на долгогодишната неусогласеност на вештините и компетенциите кои се нудат од образовниот систем.

„Извештајот на ЕК потврдува дека 80% од невработените се долгорочно невработени поради недостаток на вештини, а анализите на СКСМ покажуваат дека 65% од компаниите се соочуваат со недостаток на стручен кадар. СКСМ пред 6 години почна конкретни активности за воведување дуалното образование како најефикасен процес за подготовка на соодветен стручен кадар. Фокусот од училницата е префрлен на стекнување знаења и вештини во компаниите и учениците се обучуваа според технологијата, машините и опремата кои постојат во компанијата, се стекнуваат со работни навики и се запознаваат со функционирањето на компанијата“ вели Азески.