„Разнебитени сме, распарчени духовно, се мразиме, му се потсмеваме на другиот, едвај чекаме некој да направи грешка за да му се ситиме, се делиме на „сдсмовци“ и „вмровци“, на „ваксери“ и „антиваксери“, на муслимани и христијани, имаме постојана потреба за себедокажување. Скромноста исчезна, исчезнаа моралните вредности, нема етика, нема добрина. Е па, кога сите овие нешта го разгореа и онака присутното општо зло, според мене, единствен излез е културата, уметноста, музиката”
Интервју со Тина Иванова, в.д директорката на НУ Филхармонија.
Трилинг: Реакциите на македонската публика не стивнуваа со денови по концертот на нашиот славен пијанист Симон Трпчески, на почетокот на новата концертна сезона на Филхармонија. Каква е концертната понуда за периодот што следува?
Иванова: Среќни сме што тоа е така, бидејќи позитивните реакции на нашата публика се наша најголема награда. Ние работиме, твориме за публиката. Тоа е наша мисија, да создадеме убави чувства од другата страна на сцената, да поттикнеме размисли, да дадеме инспирација, да понудиме креативност. Позитивни коментари има за сите концерти што досега ги одржавме, и иако звучи нескромно, но тоа е така, затоа што секој концерт носи различна енергија, различни уметници и програма, па и различни профили на слушатели. Следуваат уште многу настани кои верувам ќе донесат квалитет, иновативност во изразот, програмска атракција. На 10 декември ќе гостува извонредниот флејтист Дејан Гавриќ кој ќе изведе дело од Карл Филип Емануел Бах, а заедно со маестро Борјан Цанев зад диригентскиот пулт, ќе биде изведено и фантастичното дело „Слики од изложба“ од Мусоргски, што ќе претставува навистина интересна естетска фузија. На 16 декември повторно ни гостува нашиот шеф-диригент, маестро Габриел Бебешелеа, а како солист ќе се претстави маестралниот руски пијанист Андреи Коробејников со Концертот бр. 5 од Бетовен. На овој концерт ќе биде изведена и грандиозната Осма од Бетовен, како и Симфонијата „Часовник“ од Хајдн, кога публиката ќе има можност и самата да свири на 100 метрономи. Следуваат два концерти за деца, „Ритамот во тебе“, навистина атрактивен проект на перкусионисти, по идеја на композиторката Симона Гајдоска, како и традиционалниот новогодишен концерт за деца, овој пат насловен „Филхармонија патува во вселената“, кога со интересна визуелизација, ќе бидат изведени фантастичните „Планети“ од Холст, под диригентство на Џијан Емин. „Вечер на Оскари“, пак, е насловен Новогодишниот концерт на кој под диригентство на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, ќе бидат изведени популарни теми од оскаровски филмови и кој на некој начин ќе биде концерт на „црвен килим“. Не би сакала да ги најавам концертите коишто следуваат по Нова Година, за да останат изненадување, но и поради неизвесната ситуација во која што се наоѓаме изминативе две години. Но, ќе кажам дека магијата е во Филхармонија. Создаваме приказни на мигот, кои се рефлектираат како убава енергија и оставаат чувство на среќа. Што можеме повеќе да посакаме во ова, веќе слободно може да се каже, траурно време? Музиката којашто ја изведува оркестарот на Филхармонија е најсовршената форма на музицирање, па оттаму и не може, а да не биде корисна, односно благопријатна.
Трилинг: Една година како сте в.д директор на Националната установа Филхармонија. Не дозволивте музиката да запре во најнеизвесниот период за творење. Беше ли предизвик да се координира тимот на Филхармонија во време на најголемата светска здравствена криза?
Иванова: Секако, беше огромен предизвик. И се уште е така. Кризата не заврши, а ниту пак, верувам дека ќе заврши кризата на духот. Разнебитени сме, распарчени духовно, се мразиме, му се потсмеваме на другиот, едвај чекаме некој да направи грешка за да му се ситиме, се делиме на „сдсмовци“ и „вмровци“, на „ваксери“ и „антиваксери“, на муслимани и христијани, имаме постојана потреба за себедокажување. Скромноста исчезна, исчезнаа моралните вредности, нема етика, нема добрина. Е па, кога сите овие нешта го разгореа и онака присутното општо зло, според мене, единствен излез е културата, уметноста, музиката. Во класичната музика особено, се скриени сите филозофски прашања на кои и тоа како мораме да им се навраќаме постојано. Не уби овој материјален и бескрупулозен свет. Се претворивме во емотивни инвалиди. Можеби има горчина во моиве искази, ама токму затоа силна желба ми беше да работиме, да не престанеме да ги реализираме концертите ниту во најголемата криза со пандемијата, оти знам дека музиката може да не врати на вистинските животни патишта.
Трилинг: Пандемијата не е пречка за гостувања на реномирани солисти и диригенти во нашата земја. Какви се плановите, ќе бидат ли реализирани турнеи на Филхармонија во блиска иднина?
Иванова: Не е пречка за гостувања на солисти, диригенти, па можеби и за помали групи на уметници. Но, пречка е тоа да се реализира со цел оркестар, многу луѓе се во прашање, а мерките се навистина строги за патување во европските земји. Имавме неколку понуди за турнеи, ама ќе почекаме да дојдат поубави времиња за тоа.
Трилинг: Во националната установа работите од 2014 година, но претходно 20 години како новинар ја следите работата на Филхармонијата. Каде ја гледате националната установа по крајот на пандемијата?
Иванова: Со оглед на фактот дека нашата институција не ги затвори портите за публиката, не престана да работи за време на пандемијата, ја гледам исто и во блиска иднина, како една од најдобрите културни институции во земјава. Затоа што е единствена од таков вид, затоа што ја негува највозвишената форма на музика, затоа што нуди инвенција и разновидност, затоа што на нејзината сцена, покрај музичарите од оркестарот, стапнуваат солисти и диригенти од различни географски амбиенти кои нудат висок квалитет на музицирање и покажуваат поинакви културни вредности. И ние учиме од нив, но и тие од нас. Се надевам дека нашата креативност нема да згасне, дека ќе имаме силна инспирација да создаваме добри дела.
Трилинг: Иванова, во ова стресно време во кое секојдневно се бориме да не надвладее стравот, која музика Вас лично ве опушта?
Иванова: Не можам точно да одговорам на ова прашање, затоа што не ја доживувам музиката како извор на релаксација. Цел живот ја слушам, а слушам и сум слушала многу различна музика, како извор на инспирација за да создавам нешто друго. Ја анализирам често и до детали. Можеби не треба така да ја доживувам, но не умеам поинаку. Многу пати сум била изложена и на расправи на различни прашања врзани за музиката, а тие биле најчесто од социолошки аспект. Денеска, на овие години, со искуството што го имам зад себе, имам толеранција за се што се креира. Ме релаксира и тишината.