Милошоски: Абази и Коларевиќ намерно ги испуштиле извештаите на ДЗР за случајот „Мазут” во кој е утврдена штетноста на мазутот за ТЕЦ Неготино

За донесување на скандалозната одлука за запирање на истрагата за мазутот вреден 167 милиони евра, функционирал тандем обвинители Абази-Коларевиќ, коишто се нешто како коалиција ДУИ-СДСМ, но не во собраниските клупи, туку во обвинителството за криминал и корупција – обвини денеска на прес-конференција Антонио Милошоски, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

За донесување на скандалозната одлука за запирање на истрагата за мазутот вреден 167 милиони евра, функционирал тандем обвинители Абази-Коларевиќ, коишто се нешто како коалиција ДУИ-СДСМ, но не во собраниските клупи, туку во обвинителството за криминал и корупција – обвини денеска на прес-конференција Антонио Милошоски, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Дури и во прибирањето на докази можевме да забележиме дека овие обвинители биле селективни. Со вчерашниот демант на ЕСМ станува јасно дека обвинителите Абази и Коларевиќ повеќе се занимавале со земање на изјави од некомпетентни лица наместо да истражуваат сериозно и да обезбедат докази за оваа набавка на мазут скапа 167 милиони евра – рече Милошоски.

Тој додаде дека може да се заклучи дека обвинителите биле селективни и воопшто не ги прочитале извештаите на релевантните органи како што се Државниот завод за ревизија и слични на нив.

– Државниот завод за ревизија во 2024 година утврдил дека при оваа милионска набавка се испорачувал мазут од различен добавувач од оној којшто бил утврден во договорот на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и добавувачот и второ, стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот бил со голем број на нечистотии коишто предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино.

И покрај ваквата утврдена лоша состојба и квалитет на мазутот, сепак ТЕЦ Неготино склучил анекс за да може овој скап договор да ја достигне сумата од 167 милиони евра. Но очигледно е дека ваквите извештаи на Државниот завод за ревизија не биле забележани од Абази и Коларевиќ коишто поголемо внимание посветувале на изјави коишто им одговараат од некомпетентни лица наместо да ги земат во предвид релевантните извештаи коишто даваат сериозни индиции дека овој скандал вреден 167 милиони евра е поврзан и со направена штета во ТЕЦ Неготино, но исто така и со перење на пари и стекнување на противправна имотна корист.

За Абази и Коларевиќ сметаме дека не се достојни на функцијата да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имаат свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДСМ. Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција. Со вакви обвинители осомничените како Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и други секогаш ќе бидат слободни луѓе, наместо да бидат изведени при лицето на правдата – рече Милошоски.

Тој уште еднаш го повика Советот на јавни обвинители да се позанимава со овој случај, да го истражи постапувањето на Абази и на Коларевиќ и да утврди кои намерни или ненамерни пропусти се направени, при носењето на одлуката да биде прекината истрагата за случајот „мазут за ТЕЦ Неготино“.

– Истовремено сакаме да им порачаме дека нивната лукративна одлука или политички инспирирано решение да ја запрат истрагата нема да ја сокрие вистината и сите факти поврзани со овој скандалозен тендер ќе излезат на виделина. Сакале тоа да го направат или не сакале Абази и Коларевиќ. Сепак, мислиме дека јавноста ја заслужува вистината, а секој којшто бил инволвиран и има сомнежи за висок криминал и корупција заслужува да биде процесуиран и неговата невиност или вина да биде докажувана пред суд – рече Антонио Милошоски.