
Вучиќ со обраќање до Црна Гора: „Извинете што ве сакавме повеќе отколку вие нас“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во обраќање до граѓаните на Црна Гора, во авторски текст објавен на порталот „Борба“, изнесе пет клучни ставови на Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во обраќање до граѓаните на Црна Гора, во авторски текст објавен на порталот „Борба“, изнесе пет клучни ставови на Србија.
На почетокот од текстот, Вучиќ истакна дека одлучил да им се обрати на граѓаните на Црна Гора по повеќегодишните лаги за Србија, нејзиното раководство, односот на Србија кон Црна Гора, како и по години на, како што наведе, „највалкани кампањи“ против него и неговото семејство.
Како прва точка ја издвои: „Вистините и лагите за српскиот притисок врз црногорската независност и наводното мешање во внатрешните работи на Црна Гора“.
Тој посочи дека со децении се слушаат приказни за мешање на Србија во сите работи во Црна Гора, за политички притисоци на дневно ниво, желба за ширење на територијата на сметка на Црна Гора, ширење големосрпски и антицрногорски идеи и загрозување на државноста на Црна Гора.
„Но, како се мешаме и со што ѝ се закануваме на Црна Гора?“, праша Вучиќ.
Тој потсети дека Србија ја прифатила секоја одлука на граѓаните на Црна Гора на демократски и цивилизиран начин, вклучително и одлуката за распад на заедничката држава, резултатите од референдумот за отцепување, па сè до влезот на Црна Гора во НАТО.
„Ве доживувавме како сестри и браќа и сакавме да живееме во иста држава со вас. Признавам, виновни сме и извинете што ве сакавме повеќе отколку вие нас“, напиша Вучиќ.
Како второ клучно прашање, Вучиќ постави: „Дали Србија го загрозувала територијалниот интегритет на Црна Гора или Црна Гора на Србија?“
Тој нагласи дека Србија го почитува територијалниот интегритет и суверенитетот на Црна Гора и никогаш не го довела во прашање, додека Црна Гора, како што рече, само две години по напуштањето на државната заедница со Србија, ја прекршила Повелбата на Обединетите нации со признавањето на независноста на Косово.
„Не ѝ одзеде Србија 14 проценти од црногорската територија, не бараше Србија ниту Пљевља, ниту Беране, ниту кое било друго место во Црна Гора, ниту ќе бара. Црна Гора, братски, веројатно токму затоа што Србија ја почитува Црна Гора, ги призна Призрен, Грачаница, Дечани и Пеќката патријаршија како дел од некоја друга, а не српска држава. И не се буниме, и понатаму ве сакаме и ве доживуваме како браќа, само немојте да ни зборувате дека ние нешто ви одземаме“, истакна Вучиќ.
Потоа праша: „Што тоа Србија направи против Црна Гора, или можеби никогаш не направила?“
Одговарајќи на тоа прашање, српскиот претседател посочи дека Србија никогаш, ниту посредно ниту непосредно, не ја обвинила Црна Гора или некого во Црна Гора за геноцид, додека политичари од Црна Гора трипати носеле резолуции за наводен геноцид извршен од Србите.
„Патем, Србија смета дека Зоран Гопчевиќ заслужил базенот да го носи неговото име, Србија смета дека жртвите од Лора заслужуваат правда, Србија не ви го бара ниту бродот ‘Јадран’ што го изградил кралот Александар, нема да ја бараме ниту Превлака, па поради сето тоа не заслужуваме почитување, туку презир“, наведе Вучиќ.
Тој порача и дека Србија нема да ја менува својата пријателска и братска политика.
Четвртата клучна порака до граѓаните на Црна Гора се однесуваше на европскиот пат и прашањето „кој кого сопнува“.
Вучиќ истакна дека ѝ посакува на Црна Гора успех на тој пат, и покрај тоа што, како што рече, секој состанок на црногорските функционери започнува и завршува со истакнување на разликите меѓу Црна Гора и Србија.
„Ви посакуваме среќа во Европа, во НАТО, секаде каде што сакате. И ќе ви честитаме за сè. И ќе се радуваме на вашите успеси. Само не нè терајте да се радуваме на политика и резултати од политика насочена против Србија и српскиот народ. Сешто сме, мазохисти не сме“, порача Вучиќ.
Последната порака на Вучиќ до народот и властите на Црна Гора беше одговор на прашањето – што Србија очекува од Црна Гора и што е подготвена да понуди?
„Ја почитуваме и ќе ја почитуваме Црна Гора и нејзините граѓани. Ја напуштивте нашата заедничка фамилија и вашата одлука, повторувам, ја почитуваме. Единствено што ве молиме е, кога станува збор за српскиот јазик и српските национални обележја, да покажете почит кон една третина од вашето население, барем онолку колку што покажувате кон припадниците и политичките претставници на народите кои ви станаа придружни браќа и помагачи на европскиот пат. Само тоа. И ништо повеќе“, наведе Вучиќ.
Тој својот авторски текст го заврши со реченицата: „Нека живее пријателството меѓу Србија и Црна Гора“.