
Серискиот убиец од Куманово е осомничен дека убил четири жени, а се обидел да лиши од живот уште две. Ова денеска беше откриено од обвинителот Љубомир Лапе, на брифинг во Обвинителството.
Истрагата против 25-годишниот Т.Б. од село Малотино, општина Старо Нагоричане, кој во јавноста е познат како првиот сериски убиец на жени во земјава, покрај досегашните две убиства, открил дополнителни четири кривични дела. Според новите сознанија, станува збор за уште две убиства и два обиди за убиство.
Обвинителот Лапе појасни дека овој случај има специфични карактеристики кои досега не се забележани во домашната судска практика.
-Се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол, соопшти обвинителот Лапе.
Истражните органи продолжуваат со прибирање докази.