Савески потврди дека Мицкоски за прв пат му се јавил телефонски за да го праша за ,,ТЕЦ Неготино”

Откако премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека му се јавил на републичкиот јавен обвинител Ненад Савески за да го праша за запирањето на истрагата за ,,ТЕЦ Неготино”, од републичкото јавно обвинителство појаснуваат дека ова е прв пат премиерот да му се јави на републичкиот Савески.

Откако премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека му се јавил на републичкиот јавен обвинител Ненад Савески за да го праша за запирањето на истрагата за ,,ТЕЦ Неготино”, од републичкото јавно обвинителство појаснуваат дека ова е прв пат премиерот да му се јави на републичкиот Савески.

-Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на Претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување, информираат од Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека предметниот јавен обвинител од ОЈОГОКК одлучува самостојно.

-Имено согласно чл.3 од Законот за јавното обвинителство, обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.
Уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите, велат од Обвинителството.

Вчера и ,,Фокус” објави дека предметот за „ТЕЦ Неготино“, кој тежеше околу 167 милиони евра, а за кој Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја запре истрагата, не бил рефериран во републичкото јавно обвинителство.

Републичкиот обвинител Ненад Савески потврди дека од републичкото обвинителство не било побарано мислење, што значи дека одлуката за запирање на истрагата била донесена во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Предметен обвинител во овој случај беше обвинителката Катерина Коларевиќ, која на вчерашниот брифинг за новинарите, посочи дека немала дилема за предметот и затоа не побарала мислење.

Случајот уште во 2023 година го отвори Државната комисија за спречување на корупција, а истрагата беше отворена во март лани. По 14 месеци обвинителката Коларевиќ донесе одлука да го затвори предметот.

Со оваа одлука пропадна еден од најголемите случаи, во кој имаше сомнеж за криминал од над 160 милиони евра, по сериозните сомнежи на МВР од пред околу една година дека се злоупотребувале тендери за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино.

Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.