БГНЕС: Протоколот ги турка под тепих најспорните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија

Францускиот предлог се реферира и на билатерален протокол, потпишан меѓу Скопје и Софија, кој јасно ги опишува условите и конкретните чекори за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Заедно со гаранциите за негова имплементација и самата преговарачка рамка, овој протокол е од клучно значење за Софија, која мора внимателно да процени дали неговата содржина ги исполнува условите на сегашната официјална бугарска позиција опишана во Рамковната позиција од 2019 година, пишува БГНЕС.

Според информациите на БГНЕС, во прашање е, всушност, записник од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, создаден врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, што се одржа кон почетокот на јуни оваа година. Записникот го оценува она што двете влади го направиле досега и ги поставува насоките за понатамошни обврски и активности. Во делот што ги отсликува достигнувањата, впечатлива е незадоволителната оценка во работата на заедничката историска комисија, при што се споменува експлицитниот, но мал напредок постигнат во однос на Цар Самоил и богомилството. Делот што ги одразува насоките за следење, всушност, е клучен бидејќи ги поставува конкретните услови што Скопје треба да ги прифати за да се укине бугарското вето, пишува БГНЕС, објавувајќи детали за тоа што предвидува протоколот што треба да го потпишат двете земји.

Овој дел е поделен во две фази, првата предвидува што треба да се случи непосредно пред првата меѓувладина конференција, а втората ги предвидува дополнителните услови за свикување на втора меѓувладина конференција. Главното место меѓу нив го зазема прифаќањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Дополнително, се потврдува заложбата на Скопје за немешање во внатрешните работи на Бугарија, што практично значи откажување од претензиите за македонско малцинство во нашата земја.