
Шпанија дозволи влез на крузерот со случаи на хантавирус во Канарските Острови
Шпанија му дозволи на крузерот погоден од случаи на хантавирус и три смртни случаи да се закотви на Канарските Острови, додека здравствените власти истражуваат дали на бродот се случило пренесување од човек на човек.
Шпанија му дозволи на крузерот погоден од случаи на хантавирус и три смртни случаи да се закотви на Канарските Острови, додека здравствените власти истражуваат дали на бродот се случило пренесување од човек на човек.
Одлуката е донесена во координација со Светската здравствена организација (СЗО) и Европската Унија, во согласност со меѓународното право и хуманитарните принципи, соопшти шпанското Министерство за здравство доцна синоќа, пренесе ДПА.
Крузерот „Хондиус“ (Hondius), со околу 150 патници и членови на екипажот, тргнал од јужна Аргентина и моментално е закотвен кај Островите Зелен ’Рт (Cape Verde).
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) врши проценка на бродот за да утврди кои лица треба итно да бидат евакуирани од Зеленортските Острови, соопшти шпанското министерство. Преостанатите патници и екипажот треба да отпатуваат со крузерот до Канарските Острови, каде се очекува да пристигнат за три до четири дена.
СЗО соопшти дека Зеленортските Острови, мала островска држава во близина на Западна Африка, не се во можност самите да ја спроведат операцијата, според шпанското министерство. Канарските Острови затоа биле најблиската локација со потребниот капацитет за да се обезбеди помош, соопшти министерството, додавајќи дека Шпанија има морална и законска обврска да им помогне на оние на бродот, меѓу кои има и неколку шпански државјани.
Мадрид, исто така, се согласи лекарот на „Хондиус“, кој е во критична состојба, да биде пренесен со авион на Канарските Острови.
Точното пристаниште на Канарските Острови, во близина на западниот брег на Африка, сè уште не е одредено. Откако ќе пристигнат таму, екипажот и патниците ќе бидат прегледани, ќе им биде укажана медицинска нега доколку е потребно и ќе бидат вратени во нивните матични земји, се наведува во соопштението на министерството.