
СДСМ обвинува дека министерот за правда од ЗНАМ, Игор Филков, ги држи „во фиока“ документите за екстрадиција на Груевски. Оттаму прашуваат зошто ако Судот ја доставил документацијата, таа е заглавена во Правда.
За потсетување, вчера беше објавено дека Министерството за правда барало Основниот кривичен суд Скопје да ги достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.
„Сега тие документи се во Министерството за правда, а министерот од ЗНАМ, дел од тендер коалицијата на Мицкоски, не ги испраќа во Унгарија“, велат од СДСМ.
Претходно, министерот Филков кажа дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана да го врати бегалецот, кој патем има политички азил.
„Нема никаква причина да се чека нова влада. Институциите мора да работат и да постапат веднаш. Мицкоски и неговата влада свесно го штитат Груевски и му даваат време да побегне во трета држава. Ова не е административна грешка туку свесна заштита на криминалецот од страна на шефот на криминалната организација ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
По убедливата победа на изборите, човекот кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција најави екстрадиција на Никола Груевски и посочи дека Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци.
Сепак, азилот на Груевски не може да се укине преку ноќ, а сè дотогаш не може да биде екстрадиран.