
Мицкоски очекува од последни да станеме први во регионот во исполнувањето на реформите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница рече оти наскоро од Брисел ќе пристигне информација дека земјата од последна во регионот – сега е рамо до рамо со Црна Гора во однос на исполнување на реформските индикатори.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница рече оти наскоро од Брисел ќе пристигне информација дека земјата од последна во регионот – сега е рамо до рамо со Црна Гора во однос на исполнување на реформските индикатори.
Според него, успешно се завршени 16 или 17 од вкупно 22 индикатори за извештајниот период кој завршува кон крајот на 2025 година, додавајќи дека очекува тие информации да бидат објавени во наредните денови.
Ова тој го кажа одговарајќи на прашање од пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, за тоа како ги коментира обвинувањата од опозициската партија дека недоволно се реализираат остварувањата во реформската агенда.
„Затоа ги предупредувам во СДСМ за прес-конференциите што ги прават и, народски кажано, да не се истрчуваат како прле пред магаре“, изјави Мицкоски во Собранието.
Премиерот посочи дека на крајот на јуни завршува грејс-периодот за дел од индикаторите и дека од 12 кои биле во тој режим, останале десет, кои треба да бидат реализирани дотогаш.
„Очекувам најмалку седум или осум од десетте индикатори да бидат завршени во рокот, а дел од останатите да се исполнат и пред рокот“, рече премиерот, најавувајќи и координација со надлежните министри.
Мицкоски детално се осврна и на неколку реформи во различни области, меѓу кои енергетика, економија и правосудство.
Првиот индикатор што треба да се заврши, како што рече, е во делот на енергетиката. Според него, државата нема намера целосно да се повлече од учество во набавката на електрична енергија, оценувајќи дека тоа би довело до значително зголемување на цените за домаќинствата.
„Практично, да престанеме да ја субвенционираме електричната енергија за граѓаните. Вредноста на овој индикатор е околу 8,5 милиони евра. Третина од овие пари е грант, другото е мек кредит, кој почнува да се отплаќа од 2032 година. Еве, јавно кажувам дека овој индикатор немаме намера да го завршиме. Ако го направиме тоа и не учествуваме повеќе со целосната количина на електрична енергија на јавната набавка што ја прави снабдувачот, цената на електричната енергија може да порасне и над 30 до 35 отсто, што би предизвикало ценовен шок“,кажа тој.
Во Министерството за енергетика, како што рече, се работи на довршување на подзаконските акти, заедно со експерти препорачани од Европската комисија, со цел да донесениот Закон за енергетика да стане и функционален.
Третиот индикатор се законите од економскиот дел од Владата, каде посочи дека има закон донесен пред десетина години и оти Министерството за финансии постапило во согласност со препораките од канцеларијата на Европската комисија.
„И покрај тоа што ни беше кажано дека тоа е доволно, излезе дека треба да имаме одредени промени во законот. Ќе го направиме тоа многу бргу, Министерството за финансии работи, очекувам дека во мај тоа ќе заврши, бидејќи промената е повеќе семантичка отколку суштинска“,кажа премиерот.
Четвртиот индикатор е поврзан со Министерството за економија и труд, кое, како што рече, работи со надворешни експерти и очекува до крајот на овој грејс-период и тој да биде завршен.
„Практично тоа е да се формира одреден регистар на правни лица каде што државата е целосен или делумен учесник во сопственичката структура. Очекувам ресорното Министерството тоа да го заврши“, додаде тој.
Соопштувајќи за петтиот индикатор, рече дека и покрај тоа што помина Законот за судски совет, има одредени лесни забелешки, за кои смета дека се прифатливи и дека тие многу скоро, како што додаде, ќе се најдат пред пратениците за усвојување.
„Не е ништо суштинско, но во рамките на барањата од страна на Европската комисија. Понатаму, во реформите во правосудството доаѓаме до оној момент, а тоа е независноста на судиите и обвинителите во делот на вработување и унапредување. Тоа се два индикатори, односно плановите за вработување и унапредување да не зависат од одобрување на Владата туку Советот на јавни обвинители и Судскиот совет да им дадат одобрување. Да потсетам дека оваа година Министерството за финансии мислам дека веќе даде согласност за вработување за неколку стотици луѓе во службите во судовите во Македонија. Тука се и платите за што Уставниот суд донесе одлука да се вратат коефициентите од 2025. Ние не можеме да ги вратиме во 2024, бидејќи одлуката на Уставниот суд е конечна, со тоа се исполнува условот, во согласност со новите коефициенти, судиите да имаат повисоки плати“, рече Мицкоски од собраниската говорница.
Посочи дека со синдикатите е потпишан договор за зголемување на нивните плати, со што практично и тој дел од индикаторот успеале да го надминат и да го завршат.