(ВИДЕО) Пармаковска: Нашето општество е во круг на верижна вина, време е за колективна преродба

➡Преродбата, значи симболиката, би била не само лична преродба која се случува на рамниште на главниот лик, на ликовите во романот, туку и на колективната преродба, на преродбата на нашето општество којашто мора да ни биде мотив за сите понатаму. ➡Прашање зошто нас, и тоа на толку мало парче земја во толкава магнитуда ни се случуваат толку страшни работи. ➡Реалноста кај нас е таква - на грешки, на шаблони. ➡Јас се надевам дека помладите генерации ќе научат некои лекции. Ние досега требаше да ги научиме. Јас пак ќе повторам дека од позиција на писател, тие апели и занимавање со реалноста, со мигот, со овде и сега, можат да помогнат кон некое насочување, некое подигнување на свеста. ➡Јас имам тенденција на крајот од романите да дадам некоја надеж, некоја ведра порака. Во овој роман се завршува тој циклус. Затоа и верижна вина на ниво на поединецот и на општеството се затвора тој круг, со некоја надеж дека ќе биде подобро. Но во нашето општество тој круг се затвора и отвора, смета Пармаковска.

„Преродбата, значи симболиката, би била не само лична преродба која се случува на рамниште на главниот лик, на ликовите во романот, туку и на колективната преродба, на преродбата на нашето општество којашто мора да ни биде мотив за сите понатаму“, изјави во „Трилинг“, писателката Фросина Пармаковска, околу тоа колку во романот „Кривата Дијана“, меѓудругото, акцент е ставен на грешка, несреќа, трагедија, траума, вина, истрајност, болка, издржливост, и колку ова коинцидира со Христовото воскреснување, и дали може да се најде симболика во книгата со празничните пораки кои најчесто доминираат за време на Велигден.

Фото: Трилинг / Фросина Пармаковска

Прашана за мислење зошто не успеваме по повеќе од 30 години самостојна држава да ги извлечеме поуките од грешките кои постојано ги правиме, Пармаковска вели дека е стварно прашање зошто нас, и тоа на толку мало парче земја во толкава магнитуда ни се случуваат толку страшни работи.

„Не знам зошто се повторуваат тие работи. Со тоа треба да се занимаваат повеќе науки, но ние како писатели, меѓудругото и наша должност е да го опишеме тоа, да ја опишеме реалноста во којашто живееме. Пред некое време читав во една колумна на Маркез, кај што вели дека нивната реалност, во Латинска Америка, е толку извонредна, толку преполна со тие отстапки, исклучоци, што писателот не треба да измислува, туку просто треба што понизно и поверодостојно да ја опише. Буквално тоа важи и за кај нас, и би додала дека нашата одговорност не е само да ја опишеме, туку и да понудиме една алтернативна реалност, да понудиме една слика како треба да биде, како може да биде поинаку. Меѓудругото и со тоа треба да се занимава книжевноста и ние како писатели.

Фото: Трилинг / Фросина Пармаковска

Осврнувајќи се на македонската реалност, и за тоа во каква реалност живееме, Пармаковска вели дека реалноста кај нас е таква – на грешки, на шаблони.

„Еве да тргнеме од најпрост пример. Мене ме ожалостува, зборувам за базични работи, кога ќе се вратам од некаде, кога ќе можам да видам како може плоштадот улиците да бидат чисти или како, еве не мора со Германија да се споредуваме, едно Сараево е толку зелено. Секогаш доживувам зелен шок кога ќе се вратам од некаде. А за да дојдам тука, на ова интервју, има едно десетина предизвици. Треба да препливам едно езерце во нашата улица, која што ја раскопа Топлификација со ветување дека ќе ја врати во првобитна состојба, но тука патувањето почнува. Ако сте возач ќе заглавите во сообраќај. Автобусот може да го чекате, и прашање е дали ќе дојде. Ако врне најверојатно ќе треба да „зацапате“ во кал, а ако не врне треба да голтате прашина. Ако поминувате по тротоар треба да заобиколувате, прескокнувате ритчиња од ќеси со ѓубре, па можно е на пешачки да ве прегази некој несовесен возач. Јас ниту ја нагрдувам, ниту ја разубавувам реалноста во која живееме. Дали може да биде подобро? Може, и најмногу ме иритира што не почнуваме од тие работи каде што не требаат многу пари“, вели Пармаковска и додава дека е генерациски проблем што не знаеме или не умееме да извлечеме поуки од погрешните чекори.

„Јас се надевам дека помладите генерации ќе научат некои лекции. Ние досега требаше да ги научиме. Јас пак ќе повторам дека од позиција на писател, тие апели и занимавање со реалноста, со мигот, со овде и сега, можат да помогнат кон некое насочување, некое подигнување на свеста, но и секој поединец може да се вклучи“, смета Пармаковска.

Фото: Трилинг / Фросина Пармаковска

Прашана за „Кривата Дијана“ каде поднасловот е „романот на верижната вина“ и акцент е ставен на реалните општествени и индивидуални трауми, и дали постојано си ја префрлајќи си ја вината од еден кон друг, од една на друга институција, бегаме од решавање на проблемите, Пармаковска вели дека по примерите така изгледа.

„Јас имам тенденција на крајот од романите да дадам некоја надеж, некоја ведра порака. Во овој роман се завршува тој циклус. Затоа и верижна вина на ниво на поединецот и на општеството се затвора тој круг, со некоја надеж дека ќе биде подобро.

-Во нашето општество тој круг се затвора и отвора. Но ќе повторам дека јас лично верувам дека може да излеземе од тој круг. Нам ни се случија навистина страшни трагедии коишто не смеат, немаме веќе луксуз да се повторат“, вели Пармаковска.

Целото интервју погледнете го во видеото.