
„Гласот на ромската жена“ вечерва во Музејот на современа уметност во Скопје
Во Музејот на современа уметност вечерва ќе се одржи културен настан насловен „Гласот на ромската жена“ во организација на Ромскиот културен и медиумски центар „Бариканипе“ од Скопје.
Во Музејот на современа уметност вечерва ќе се одржи културен настан насловен „Гласот на ромската жена“ во организација на Ромскиот културен и медиумски центар „Бариканипе“ од Скопје.
Настанот се организира по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, а во рамки на одбележувањето ќе биде промовирана книжевната едиција „Авантурите на лавот Лео“, составена од четири сликовници на ромски и македонски јазик. Автор на изданијата е младата писателка Џемилиана Абдулова.
Во текот на вечерта ќе бидат доделени и медали за заслуга на пет ромски жени кои, според организаторите, дале значаен придонес за севкупниот напредок на ромската заедница и нејзината афирмација во современото македонско општество.
Ромскиот културен и медиумски центар „Бариканипе“ е здружение на млади студенти, чија работа е насочена кон анализирање и креирање политики, унапредување на културното творештво, поттикнување на издавачката дејност и подобрување на ромското медиумско милје преку продуцирање и едукација на стручен кадар. Во својата работа, здружението соработува со реномирани и истакнати ромски дејци како стручни консултанти.