Академски мрежи во Србија доставија до Претседателството потписи за распишување вонредни избори

Претставници од неколку академски мрежи утрово доставија до претседателот на Србија повеќе од 22.000 потписи на граѓани кои бараат распишување вонредни парламентарни избори.

Претставници од неколку академски мрежи утрово доставија до претседателот на Србија повеќе од 22.000 потписи на граѓани кои бараат распишување вонредни парламентарни избори.

Мирјана Јовановиќ, професорка на Слободниот универзитет во Крагуевац, им изјави на новинарите пред Претседателството на Србија дека иницијативата ја покренале неформални академски мрежи лани во летото откако студентите на високообразовните институции во блокада побарале распишување избори.

Според неа, потписите биле собрани во градовите каде што се наоѓаат универзитети во Србија, со цел да се испрати порака дека граѓаните на Србија имаат право да одлучат во кој правец ќе оди земјата во која живеат. Таа нагласи дека потписите немаат никаква врска со опозицијата и дека тие ја претставуваат волјата на граѓаните.

Неформалните академски мрежи што ја поддржаа иницијативата се Академскиот пленум, Слободниот универзитет во Ниш, Слободниот универзитет во Крагуевац, Слободниот универзитет во ДУНП, Проактив и Маса.

Во соопштение објавено синоќа, тие наведоа дека со поднесувањето на иницијативата, „професорите од сите државни универзитети сакаат да му помогнат“ на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да „собере храброст и да распише избори што би ја решиле општествената криза“.

Тие исто така наведоа дека земјата е во општествена криза од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

„Сакаме да веруваме дека неговите консултации со парламентарната партија водат кон споменатата цел и дека тие не се само една од лошо режираните претстави насочени кон понатамошно одложување на вонредните парламентарни избори, кои, до неодамна, Вучиќ постојано им ги нудеше на своите политички противници“, се вели во соопштението.

Српскиот претседател од петокот води разговори со политичките партии за евентуално распишување избори, но вчера рече дека „нема да има избори летоска ако кризата во светот продолжи“.

Неколку опозициски партии објавија дека нема да учествуваат на консултациите со претседателот на Србија, бидејќи, како што тврдат, тоа е уште една манипулација на властите. Тие партии изјавија дека Вучиќ дури и не им испратил покана за консултации.

Вучиќ неодамна изјави дека изборите во Србија ќе се одржат до крајот на годината, а можеби и до празникот Видовден на 28 јуни, без да прецизира дали тоа се однесува на парламентарни или претседателски избори.