
Предупредување за нов бран поскапувања: „Летна“ цената на шеќерот , следуваат маслата
Глобалните цени на храната повторно се во пораст, а најновите податоци покажуваат дека енергетската криза предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток почнува директно да се прелева и врз храната. Според Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации, март донесе највисоко ниво на цените од септември минатата година, со јасни предупредувања дека растот може да продолжи доколку кризата се продлабочи.
Глобалните цени на храната повторно се во пораст, а најновите податоци покажуваат дека енергетската криза предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток почнува директно да се прелева и врз храната. Според Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации, март донесе највисоко ниво на цените од септември минатата година, со јасни предупредувања дека растот може да продолжи доколку кризата се продлабочи.
Индексот на цените на храната на ФАО во март достигна 128,5 поени, што претставува раст од 2,4 проценти на месечно ниво и благо зголемување од 1 процент во однос на истиот период лани. Иако цените сè уште се значително под пикот од 2022 година, трендот на раст повторно отвора загриженост за глобалната инфлација на храната.
Најсилен притисок врз цените доаѓа од растот на енергенсите, што директно влијае врз производствените трошоци во земјоделството. Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, оценува дека досегашното поскапување е „умерено“, но предупредува дека продолжена криза може да има далекусежни последици.
„Ако конфликтот потрае повеќе од 40 дена и трошоците останат високи, земјоделците ќе бидат принудени да ги намалат вложувањата, да посеат помалку или да се префрлат на култури што бараат помалку ѓубрива. Тоа директно ќе влијае врз приносите и цените во наредниот период“, посочува Тореро.
Растот на цените не е рамномерно распределен. Цените на житарките се зголемија за 1,5 проценти, предводени од поскапувањето на пченицата од 4,3 проценти, поради послабите изгледи за жетвата во САД и намалените насади во Австралија. Пченката бележи умерен раст, додека цените на оризот се намалени за 3 проценти поради сезонски фактори и послаба побарувачка.
Најизразен скок има кај растителните масла, кои поскапеа за 5,1 процент, што е трет последователен месечен раст. Повисоките цени на суровата нафта ја зголемуваат побарувачката за биогорива, што дополнително врши притисок врз пазарот на масла. Палминото масло веќе достигна највисоки нивоа од 2022 година.
Цените на шеќерот, пак, скокнаа за 7,2 проценти, достигнувајќи највисоко ниво од октомври 2025 година. Причината е очекувањето дека Бразил ќе пренасочи поголем дел од шеќерната трска кон производство на етанол, како одговор на високите цени на енергијата.
И кај месото се забележува раст од 1 процент, пред сè поради поскапувањето на свинското месо во Европската Унија и говедското во Бразил, додека цените на живината и овчото месо се намалуваат.
И покрај растот на цените, глобалната понуда засега останува стабилна. ФАО ја зголеми проценката за глобалното производство на житни култури за 2025 година на рекордни 3,036 милијарди тони, што е за 5,8 проценти повеќе од претходната година. Се очекува и зголемување на залихите, што делумно ја ублажува загриженоста за снабдувањето.
Сепак, неизвесноста останува висока. Ескалацијата на конфликтот, можните нарушувања во транспортните рути како Ормутскиот теснец, како и растечките трошоци за енергија и ѓубрива, претставуваат сериозен ризик за стабилноста на глобалниот пазар на храна.
Пораката од ФАО е јасна – засега нема недостиг, но комбинацијата од геополитички ризици и растечки трошоци може брзо да ја промени сликата.