СЕММ и Советот на честа при ЗНМ: Довербата на јавноста се гради врз етика, а се губи со сензационализам

Етичките стандарди во новинарството сè почесто се доведуваат во прашање, особено кога трагични настани се користат за привлекување кликови и сензационализам. По повод актуелното известување за судскиот процес за трагедијата со мајката и детето, СЕММ и Советот на честа при ЗНМ реагираат на, како што посочуваат, сериозни отстапувања од професионалните принципи и нарушување на достоинството на жртвите.

Етичките стандарди во новинарството сè почесто се доведуваат во прашање, особено кога трагични настани се користат за привлекување кликови и сензационализам. По повод актуелното известување за судскиот процес за трагедијата со мајката и детето, СЕММ и Советот на честа при ЗНМ реагираат на, како што посочуваат, сериозни отстапувања од професионалните принципи и нарушување на достоинството на жртвите.

„Претворањето на трагедиите во содржина за кликови претставува сериозно нарушување на етичките стандарди во новинарството и директно отстапување од основните принципи на професијата.

Во известувањето за актуелниот судски процес за трагедијата на мајката и детето, дел од медиумите го преминуваат професионалниот праг, објавувајќи и нагласувајќи детали од приватниот живот на жртвата, кои не придонесуваат за информирање од јавен интерес. Ваквиот пристап не само што не ја унапредува информираноста на јавноста, туку го нарушува и достоинството на засегнатите и придонесува за нивна дополнителна виктимизација.

Потсетуваме дека, согласно член 7 од Кодексот на новинарите, новинарот е должен да ја почитува приватноста на личноста, особено во ситуации на лична болка и жалост, додека член 8 налага известување без сензационализам во случаи на семејни трагедии и судски постапки, со почитување на сите инволвирани страни и без сугерирање пресуда.

Во оваа насока, неопходно е јасно да се разграничи помеѓу јавниот интерес и интересот на јавноста.
Јавниот интерес подразбира објавување информации што се од суштинско значење за разбирање на функционирањето на институциите, одговорноста на системот и заштитата на човековите права.

Објавувањето интимни детали, пишувањето и објавувањето наслови што поттикнуваат сензационалистичка љубопитност, како и дозволувањето дигиталните платформи да се претвораат во простор за морални пресуди и јавен линч, се во директна спротивност со овие принципи и со професионалната одговорност на медиумите.

Нагласуваме дека секоја информација не е за објавување и секој детаљ не е вест. Изборот на содржината е суштинска професионална и етичка одлука.

Овој случај дополнително ја потврдува потребата од унапредување и прецизирање на етичките стандарди, вклучително и во насока на засилена заштита на жртвите, ограничување на објавувањето детали од приватниот живот без јасен јавен интерес и зголемена одговорност на медиумите за содржините што се објавуваат и модерираат на нивните дигитални платформи.

Апелираме медиумите да ги прекинат практиките што го нарушуваат човечкото достоинство и да се вратат кон основните принципи на одговорно, професионално и етичко новинарство“.