ЗНМ и ССНМ: Затворањето на РСЕ е загуба за јавниот интерес, потребна е поддршка за независните медиуми

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат жалење поради престанокот на работата на македонскиот сервис на Радио Слободна Европа. Ова е уште еден тежок удар врз критичкото, професионално и јавно одговорно новинарство, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот и на глобално ниво, во време кога на јавноста ѝ е потребно повеќе проверено информирање, а не помалку, се вели во заедничкото соопштение испратено до медиумите.

„Радио Слободна Европа со децении беше препознатлив медиумски глас на слободата, одговорноста и јавниот интерес. Македонскиот сервис постоеше од 2001 година и со отворањето важни општествени теми и одржувањето на високите професионални стандарди остави длабока трага во информирањето на граѓаните. До колешките и колегите кои ја загубија работата упатуваме искрена солидарност, почит и охрабрување. Нивниот труд, интегритет и придонес за јавниот интерес не смеат да бидат занемарени, ниту третирани како обична колатерална штета на политички и буџетски одлуки. Овој развој уште еднаш покажува дека без стабилни, фер и транспарентни механизми за поддршка, плуралистичкото новинарство останува ранливо. Затоа, ЗНМ и ССНМ уште еднаш потсетуваат дека воспоставувањето на Фонд за медиумски плурализам не е прашање на добра волја, туку демократска потреба и предуслов за поттикнување квалитетно, разновидно и новинарство ориентирано кон јавноста. Советот на Европа со години повикува државите да развиваат стратегии и механизми за одржливост на разновиден медиумски екосистем и за создавање поволна средина за квалитетно новинарство како јавно добро“, се наведува во соопштението.

Оттаму потсетуваат дека во рамки на медиумската реформска агенда поддржана од ЕУ во 2023 година беше подготвен нацрт на нов Закон за медиуми, кој предвидува одредби за создавање на ваков фонд.

„Извештаите на ЗНМ укажуваат дека претходно подготвените нацрт-закони веќе предвидуваат воспоставување на Фонд за медиумски плурализам и разновидност и истите беа доставени до надлежните министерства, но без понатамошен напредок. Тоа значи дека решенија постојат и истите треба да се претворат во пракса. ЗНМ и ССНМ затоа бараат од Владата и од сите надлежни институции без понатамошно одлагање да го обноват процесот за воспоставување на Фонд за медиумски плурализам, како независен, праведен и транспарентен механизам што ќе го штити јавниот интерес, ќе ја зајакне разновидноста на уредувачките позиции и ќе придонесе за подобри услови за работа на новинарите и медиумските работници. Ова е од исклучителна важност и за охрабрување на локалното новинарство и локалните медиуми, како и за поттикнување на теми од локален јавен интерес“, се додава во соопштението.