
Дејан Јованов-Деко давал „отпор“ и не соработувал со полицијата кога ќе затекнела малолетници во „Пулс“
Со сослушување сведоци предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против тројцата обвинети полициски службеници од Кочани за постапувањето при контролите поврзани со дискотеката „Пулс“.
Со сослушување сведоци предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против тројцата обвинети полициски службеници од Кочани за постапувањето при контролите поврзани со дискотеката „Пулс“.
На почетокот на судењето тројцата обвинети пред судот изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението што произлегува од постапувањето при контролите поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што на 16 март минатата година во пожар животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судењето го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Спасенка Андонова.
Прв денеска беше сослушан сведокот Ерхан Хаџимита, вработен како полициски службеник во ПС Кочани, кој пред судот рече дека двапати учествувал во полициски контроли во текот на 2023 година во дискотеката „Пулс“, од кои првиот пат во април, а вториот во текот на декември.
Во контролите учествувал со одговорниот Горан Лазаров, при што нашол две малолетнички во објектот, чии лични карти рече дека ги одзел и му ги предал на одговорниот Лазаров. На тоа сведокот рече дека почнал да реагира сопственикот Дејан Јованов-Деки.
– Рече „правете што сакате“ затоа што и претходно со него за малолетници во објектот имавме дуел. Затоа излеговме надвор, не сакаше да соработува со нас. Јас останав со малолетниците за да ги повикаат родителите, а одговорниот изготви записник – рече сведокот.
Сведокот нагласи дека и претходно во април 2023 има пронајдено малолетници во дискотеката и исто така сопственикот не соработувал.
На прашање од јавниот обвинител сведокот рече дека кога ги одзел личните карти, отишол кај одговорниот на смена, кој бил во билетарницата заедно со сопственикот на објектот и неговиот син.
Прашан дали било побарано документи од сопственикот на дискотеката, сведокот рече дека одговорниот побарал, но газдата не соработувал и бил одбивен кон нив.
Прашан дали тоа било запишано во записникот, сведокот рече дека тој записник не попопнувал.