
Жителите на Ново Лисиче на протести од 1 април, доколку институциите не одговорат на барањето за одложување на зонското паркирање во Реонски центар
Жителите на Ново Лисиче на протести од 1 април, доколку институциите не одговорат на барањето за одложување на зонското паркирање во Реонски центар.
Жителите на Ново Лисиче најавуваат протести од 1 април, доколку надлежните институции не одговорат на нивното барање за одложување на селективното воведување на зонско паркирање во Реонски центар.
Преку групата „Ново Лисиче“, тие информираат дека досега немаат добиено никаков одговор од Општина Аеродром и Град Скопје, и покрај доставеното барање за паралелна имплементација на зоните во Ново Лисиче и Реонски центар.
Граѓаните потсетуваат дека токму градоначалниците Дејан Митески и Орце Ѓорѓиевски во предизборниот период ветиле дека зонското паркирање ќе се воведува истовремено на двете локации, за да се избегне прелевање на проблемите.
„Досегашното одлагање и немање активности на терен во Ново Лисиче не е по вина на граѓаните, туку по вина на институциите“, велат тие, нагласувајќи дека не бараат трајно решение, туку привремено одложување додека не се воспостави систем што ќе важи подеднакво за сите.
Во барањето, кое го доставиле до институциите, граѓаните укажуваат дека актуелниот модел создава нееднаквост меѓу жителите на истата општина. Како што наведуваат, дел од граѓаните имаат право на бесплатно паркирање во цела општина, додека други, иако живеат во непосредна близина, плаќаат за истата услуга.
Тие предупредуваат дека ваквата практика претставува дискриминација и создава дополнителен финансиски товар за семејствата, особено во секојдневни активности како транспорт на деца, работа и основни обврски.
Доколку до крајот на денот не добијат одговор, најавуваат дека протестите ќе започнат веќе од 1 април, со дополнителни информации за локацијата и начинот на организирање.
„Не бараме ништо повеќе од тоа што ни беше ветено – еднаквост и фер решение“, порачуваат жителите.