И студентите на удар на УЈП: Се бара данок од летната сезона во Германија

Голем број македонски студенти кои во изминатите пет години учествувале во програмите за летна работа во Германија (Work & Travel) се соочуваат со неочекувани барања од Управата за јавни приходи (УЈП) за пријавување и оданочување на нивните приходи остварени во странство, пишува инстаграм страницата Студентарија, објави 4news.mk

Голем број македонски студенти кои во изминатите пет години учествувале во програмите за летна работа во Германија (Work & Travel) се соочуваат со неочекувани барања од Управата за јавни приходи (УЈП) за пријавување и оданочување на нивните приходи остварени во странство, пишува инстаграм страницата Студентарија, објави 4news.mk

Според информациите од студентите, УЈП испраќа известувања со кои се бара приходите стекнати во Германија да бидат пријавени преку системот е-ПДД. Најголем дел од реакциите доаѓаат од оние кои веќе извршиле поврат на данок во Германија, по што сега се соочуваат со обврска да платат 10% данок на вратениот износ.

Дополнителен проблем претставува тоа што, според сведоштвата, УЈП бара оваа обврска да се исполни ретроактивно за период од 2020 до 2025 година. Кај дел од студентите постои и конфузија околу тоа дали се оданочува само повратот на данок или целокупната заработка, при што во одредени случаи се бара данок на целата сума заработена во Германија.

Ова отвора сериозни дилеми за можноста од двојно оданочување, имајќи предвид дека Македонија и Германија имаат потпишано договор за негово избегнување. Иако студентите легално го враќаат данокот во Германија – најчесто поради тоа што нивните приходи се под прагот за оданочување – УЈП го третира овој поврат како нов приход кој подлежи на оданочување во земјава.

Револтот дополнително расте поради неусогласените информации од различни подрачни единици на УЈП, како и поради тоа што обврските не биле јасно дефинирани во моментот кога студентите работеле во странство. Дел од нив тврдат дека сумата што треба да ја платат во Македонија дури го надминува износот кој го добиле како поврат на данок од Германија.

Студентските организации веќе најавија дека ќе испратат официјални барања до УЈП со цел да се добијат јасни и унифицирани насоки за постапување.

Рокот за пријавување на овие приходи е 31 март.