
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача денес на прес конференција дека со оваа влада нема интеграција на Македонија во ЕУ.
„Го слушнавте сите Христијан Мицкоски. Подготвен бил да чека со децении за влез на Македонија во ЕУ. Да потроши децении од вашите животи, од животите на вашите деца, внуци, на идните македонски генерации.
По ова признание на Мицкоски, веќе на сите им е јасно што се случува во Македонија. Со Мицкоски и неговата организирана криминална група нема членство во Европската Унија. Значи, децении загарантирана сиромаштија, загубени генерации поради засилено иселување на младите, карта во еден правец за македонската младост. Значи децении криминал и корупција без никаква контрола. Значи тонење во калта на Мицкоски и неговата криминална банда.
Христијан Мицкоски со часовници од 60.000 евра, со бизнис мрежа во тендерска групација посакува децениска изолација. Бизнисменот Мицкоски може да чека. Ама напатениот народ и работниците кои едвај врзуваат крај со крај, со ниски плати и високи цени, не можат и не смеат и нема да чекаат. За спас многу наши граѓани ќе бидат принудени како тоа што веќе го прават, да вадат бугарски пасоши. Ќе останеме и без држава и без народ. Целта е тие да си делат криминални тендери, да грабаат народни пари, а народот да пати и да плати. И тоа така со децении.
Се потврди тоа што го говоревме во изминатиот период дека Мицкоски ја турка земјата во изолација и работи за странски интереси, преку српски, унгарски се до руските интереси. Мицкоски е прокси руски играч. ВМРО организираната криминална група е тројански коњ на поделбите на македонското национално ткиво.
Мицкоски клечеше и молеше за власт, лажејќи го народот дека ќе го врати името, а сега поради него, Македонија е таа што е на колена. Предадени се нашите национални интереси, стратешката определба на земјата да биде рамноправен дел со обединетите народи на Европа.
За македонскиот народ, членството во ЕУ значи интеграција како Македонци кои говорат македонски јазик, рамноправни во големото европско семејство. За сите наши граѓани, членството во ЕУ носи пари, носи пристапни фондови до 40 милијарди евра, поголеми плати, повисоки пензии, подобро образование, подобра инфраструктура, подобро здравство, и секако правда.
Немаме децении за губење. Тоа се нашите животи, тоа се животите на нашите деца, и на нашите внуци. Македонија нема децении за губење! Оваа земја не е создадена за да чека, за да стои во место, да се плаши во неизвесност и да се затвора во изолација. Македонија е создадена за да оди напред, да напредува, да биде слободна, демократска и европска земја. Македонија не е создадена за власта да ја краде, да го пљачка народот, и да ја држи во неизвесност. Ова е прашање за иднината на државата.
СДСМ и целата коалиција сме подготвени да се спротивставиме и силно ќе се спротивставиме и ќе ја водиме борбата за европска Македонија. Ве повикувам сите да се приклучите. Да се обединиме околу идејата за напредна, европска Македонија. Против изолацијата, против криминалот и корупцијата. Да живееме во нормална држава, со европски плати и животен стандард, со нула корупција, земја во која што младите ќе сакаат да останат.
Јас немаат дозволам, СДСМ нема да дозволи да ја снема оваа тема. Да ја снема желбата, да го снема сонот на нашите граѓани за Европа. Напротив ќе се борам, ќе се бориме уште посилно и уште по одлучно. Борбата допрва почнува, ќе ја вратиме нашата држава на европскиот колосек, како што ја внесовме во НАТО така ќе ја внесеме Македонија и во Европска Унија“, порача Филипче од прес конференција.