
Љутков: Буџетот за култура е зголемен, за Законот за македонскиот јазик ќе се одржи јавна расправа
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска од собраниска говорница истакна дека Буџетот за култура се обезбедува од Владата, дека е зголемен и дека сега изнесува над четири милиони денари.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска од собраниска говорница истакна дека Буџетот за култура се обезбедува од Владата, дека е зголемен и дека сега изнесува над четири милиони денари.
Одговарајќи на пратеничко прашање на Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ тој на нејзините обвинувања рече дека нема казнет вработен и во националните установи и во Министерството за култура.
– Почитувана претходна министерке и пратеничке, буџетот за култура во рок од две години е зголемен над 750 милиони денари и вие тоа го знаете. Тој сега чини од 4.300.000. Како можете да зборувате дека секоја година буџетот се намалува? Уште малку милијарда ќе стигне повеќе од вас. И при тоа, ние сме Влада која секоја година парите за плати ги обезбедува од Владата, од буџетот. Никогаш од 2024 година наваму не е скратен ниту еден денар од програмите на националните установи за да се даде за плати коешто вие постојано го правевте, рече Љутков.
Потенцира дека сегашната власт еден милион евра обезбедила за експропријација. – Седум години бевте на власт, еден денар немавте обезбедено за експропријација. Ние сега имаме обезбедено за оваа години еден милион евра за експропријација, рече министерот.
Љутков информира дека Стратегијата за култура веќе е закачена на ЕНЕР.
-Стратегијата за култура е закачена на ЕНЕР. Вашата Стратегија заврши од 2018 до 2022 година, во која 60 проценти од стратегијата беше критики кон претходната власт, а 40 проценти беше некакви идни планови без акциски план беше донесена. Од таа стратегија немавте ниту 5 проценти реализација. И вие денеска ми зборувате дека ние сме немале Национална стратегија за развој на културата? Мислите дека така се прави ова, како што мислевте вие, ќе си седне некој и ќе си напише стратегија за 15 секунди. Тука треба евалуација, функционална анализа на институциите, треба да зборувате со струковите здруженија, треба да разговарате со поединци, со сите национални установи, со сите невладини организации, со сите општински организации, со локалната самоуправа, треба буквално да зборувате буквално со сите за да можете да направите една здрава Национална стратегија која подоцна ќе има висок процент на реализација. Треба да седнете дома и да си ја завршите работата, рече министерот.
Соопшти дека Законот за култура е во процедура и набрзо ќе биде објавен. А за Законот за употреба на македонскиот јазик информира дека ќе се одржи јавна расправа.
-За Законот за употреба на македонскиот јазик ќе се одржи јавна расправа, па ќе ви ги објасниме работите што е она што сте го направиле вие и зошто ни создаде толку големи проблеми при негова имплементација. Ќе ја видите вината на надзорната расправа, рече тој.
Љутков потенцира дека додека пратеничката Костадиновска Стојчевска била министерка за култура 90 проценти од буџетот за култура го потрошила за плати за вработените а само 10 проценти оделе за програмски активности.
-Во однос на колективните договори, тоа што сте го направиле во 2024 година создаде такви проблеми што човек не може да ги расплетка. Заедно со Министерството за финансии, Министерството за култура и Владата направивме формула која е транспарентна, формула која ја одразува сликата какви треба да бидат платите на вработените во култура. Додека вие бевте на власт, го јадевте буџетот на програмските активности. Дали сте свесни што сте правеле? Деведесет проценти од буџетот за култура ви одеше во плати, а само 10 проценти ви одеше во програмски активности. Денеска, ниту еден денар од програмата не оди во плати, рече тој.
Министерот Љутков нагласи дека вработените во културата мартовската плата ќе ја земат направена врз основа на упатството.
-Многу е важно да ги решавате проблемите. Значи, тоа е најважно. Не е важно, не е министер само да прошетате низ Министерството и да уживате во придобивките. Многу е важно да седнете и да разговарате со вработените, со синдикатите, со сите, но не сте смееле да паднете ни на најмал притисок. Мојата плата како актер првенец далеку е од тоа дека ќе ја достигне оваа другата. Имаме точна пресметка на плати која ја направивме претходната година. Упатството е пратено до сите национални установи и до сите локални установи, сите приматели кои примаат плата од Министерството за култура и таа плата ќе биде направена врз основа на тоа упатство за мартовската плата во 2026 година, рече Љутков.
Љутков нагласи дека црквата „Св.Ѓорѓија“ во Курбиново е приватен имот и за тоа треба да се направи измена во законот, па потоа да се направи експропријација на објектот.
-Од Управата за заштита на културно наследство од страна на Завод и музеј Битола беше доставено барање за добивање конзерваторско одобрение на црквата „Св.Ѓорѓија“ во Курбиново која предвидува изградба на заштитни тремови, настрешници во функција на објект. Ние влегуваме во приватен објект. Се влегува во приватен имот и кога се влегува во приватен имот треба да ги прашате сопствениците или треба да се направи измена во законот, па потоа да се направи експропријација. Тоа прашање е завршено. Управата за заштита на културно наследство работи заедно со Завод и музеј во Битола и во најскоро време таа работа ќе биде завршена, посочи тој.