
Македонското трио „30 прсти“ со концерт во Истанбул
Триото „30 прсти“, составено од пијанистите Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, е прв и единствен состав од ваков тип во Македонија. Триото е основано во 2015 година и континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, со концерти во Хрватска, Австрија, Бугарија, Србија и Турција.
Македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул го најавува концертот на македонското пијано трио „30 прсти“, кој ќе се одржи денеска во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Кадиќој, Истанбул.
Триото „30 прсти“, составено од пијанистите Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, е прв и единствен состав од ваков тип во Македонија. Триото е основано во 2015 година и континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, со концерти во Хрватска, Австрија, Бугарија, Србија и Турција.
Ансамблот изведува музика за шест раце на еден клавир – специфична камерна форма која овозможува проширување на звучниот спектар на инструментот и отвора нови интерпретативни можности.
Во 2024 година, триото за првпат во македонската музичка историја изведе дело за шестрачно пијано и камерен оркестар. Имаат посебна почит и љубов кон македонската музика, и нивниот репертоар вклучува дела специјално напишани и прилагодени за овој уникатен состав кој е предизвик и инспирација за македонските композитори.
Репертоарот на триото вклучува дела од класичниот и современиот музички израз. На програмата на концертот во Истанбул ќе бидат изведени дела од Роберт Шуман, Корепанова, Ф. Иванов, М. Шмиц, Р. Рамазанов, С. Рајх, Д. Букувалас, Б. Илин и Д. Темков.