Генчовска и Николов од „Има таков народ” утре ќе ги поднесат оставките

Теодора Генчовска и Александар Николов – двајцата министри на партијата „Има таков народ“ која пред неколку дена беше дел од бугарската владејачка коалиција, во понеделник ќе поднесат оставки од функциите, откако лидерот на партијата, Слави Трифонов, најави дека ги повлекува своите министри од Владата.

Министерката за надворешни работи Теодора Генчовска во Варна изјави дека во понеделник ќе поднесе оставка. Таа коментираше дека Бугарија ја потврдува својата позиција за задржување на ветото за почеток на преговорите во Република Северна Македонија и дека веќе има разбирање од европските партнери за нивниот став.

Запрашана за тоа дали не се врши притисок од нивните европски партнери за пристапувањето на Северна Македонија, Генчовска кажа дека сите европски партнери се веќе свесни за бугарската позиција, знаеле за условите на Бугарија од кои таа нема да отстапи. На овој начин, според неа, Бугарија ќе продолжи да ја брани својата позиција.

Од Министерството за енергетика на Бугарија соопштија дека и министерот Александар Николов во понеделник ќе поднесе оставка.