Лидерот на Демократската партија на Албанците – Мендух Тачи вели дека ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи, како што вели, Албанците можат да ја зголемат нивната економска сила со оглед на тоа што дел од проектот е и Албанија.
„Јас како Албанец од Македонија и политичар, искрено не дека сум дел од Влада која го поддржува овој проект, јас сум „за“ проектот и имам аргумент кој не е премногу филозофски. Мојот аргумент е дека во „Отворен Балкан“ Албанците можат да го зголемат својот национален потенцијал“ – вели Тачи.
Тој даде коментар и за одбележувањето на 20-годишнината на владејачката ДУИ.
„Мислам дека почнувајќи од првиот во ДУИ па надолу, се покажа дека се неспособни луѓе. Знаете ли како ми изгледа ДУИ вака фигуративно и искрено – дека се моќни, ја имаат централната власт, но нивното перчење дека го управуваат добро националниот автомобил, националното возило, е измама и перформанс, бидејќи нив само им изгледа дека возат добро, но сакам да ги потсетам дека нивното возило е пајак служба или шлеп служба и дека тие не возат ништо. Мислам дека треба да ја изгубат оваа власт, но не да исчезнат или да бидат уништени“ – изјави Тачи.
Неговата ДПА на 5. јули ќе одржи Централен конгрес, но Тачи вели дека и доколку се повлече, повторно ќе биде присутен.