ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Ковачевски за понижувањето на Македонија во Солун


„Димитар Ковачевски не го штити, туку го продава македонскиот идентитет и Македонија“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако се појави видео од самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, во Солун.

На снимката се гледа како албанскиот премиер, Еди Рама, на германскиот канцелар Олаф Шолц, шеговито му го претставува Ковачевски како премиер на „идната Западна Бугарија“, што е проследено со смеа кај присутните, но и кај македонскиот премиер.

„Едно зборува пред камерите, а зад камерите гледаме како се смее и одобрува Македонија да се нарекува Западна Бугарија. Ковачевски и ова СДСМ се антидржавни елементи преку кои Македонија доживува понижувања“, се наведува во партиската реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму бараат поради ваквиот скандалозен гест, Ковачевски веднаш да си даде оставка и да се извини.

„Во стилот на измеќар од Македонските народни приказни го видовме како се смее и одобрува едно од најголемите понижувања за Македонија. Еден Заев се замени со друг, во ликот на Ковачевски“ – велат од опозициската партија.