„Западен Балкан за Германија е од стратешко значење и јас се залагам за неговиот прием во Европската Унија. Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија. ЕУ кон Северна Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори“.
Ова на денешната прес-конференција во Скопје го изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.
Тој нагласи дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција. Затоа смета дека остатокот од задачата треба исто да ни успее и тоа е нешто за што граѓаните од Северна Македонија и Владата работеа многу.
Сега, нагласи Шолц, треба да ги вложиме сите наши напори. Според него, земјава ги исполни сите предуслови и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.
„Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите. Билатералните односи меѓу двете земји не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа е плус причина зошто Германија ја поддржува Северна Македонија на својот пат на ЕУ“ – рече Шолц.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски потенцираше дека ова е втора посета на еден германски канцелар, што, според него, сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји.
„Поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија е силна, постојана и недвосмислена. Таа поддршка за нас е огромно охрабрување за нашите аспирации да изградиме просперитетно општество кое се темели врз европски вредности како рамноправен партнер на Сојузна Република Германија и другите земји членки на ЕУ. Посетата на Шолц, токму во пресрет на Самитот на ЕУ е силен знак на поддршка на исполнетите критериуми на Северна Македонија. Заедничките цели се нашата земја да е членка на ЕУ“ – рече Ковачевски.