Јаневска не го повлекува нацрт-законот за високо образование

Јаневска посочи дека јавните расправи сè уште се во тек на универзитетите и дека нацрт-текстот е објавен на ЕНЕР, каде што, според неа, сите засегнати страни можат да доставуваат коментари. „Нема да го повлечам законот… за добробит на сите“, рече Јаневска, одговарајќи на прашање од пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование, иако опозициските пратеници тоа го побараа на пленарна седница во Собрание на Република Северна Македонија.

Јаневска посочи дека јавните расправи сè уште се во тек на универзитетите и дека нацрт-текстот е објавен на ЕНЕР, каде што, според неа, сите засегнати страни можат да доставуваат коментари. „Нема да го повлечам законот… за добробит на сите“, рече Јаневска, одговарајќи на прашање од пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Министерката призна дека има реакции од студенти и наставно-научен кадар, но оцени дека критиките не може да се „генерализираат“ и дека дел од забелешките, како што кажа, се прегенерализирани и исполнети со флоскули.

Во образложението, Јаневска тврдеше дека нацрт-законот е изработен според европски и светски стандарди и дека предвидува подобрување на студентските права, двегодишни мандати за универзитетските тела и мерки за поддршка на најуспешните студенти, вклучително и оние што се враќаат од престижни универзитети. Како новини ги наведе и финансиската рамка за демонстратори и можностите за вклучување и вработување на студенти преку проекти.

На критиките дека државата се меша во универзитетската автономија, Јаневска возврати дека членот 13, според нејзиното толкување, токму ја штити автономијата, а не ја нарушува. Додаде дека во изработката учествувале „над шеесет професори“ и најави дополнителни расправи и консултации.

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница упати прашање до министерката за образование, Весна Јаневска, кое се однесуваше на предлог-законот за високо образование и последиците од неговите решенија врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар. Таа се осврна на реакциите од академската заедница кои предупредуваат дека законот премногу ја централизира контролата, се фокусира на процедура и административни прашања, а не ги решава суштинските проблеми како финансии, одлив на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд.

„Откако беше објавен на ЕНЕР предлог законот за високо образование, не стивнуваат реакциите. Дозволете да прочитам неколку од нив:

-Закон за високо образование: Борба меѓу универзитетската автономија и политички агенди

-Создавањето на нов наставно-научен кадар ќе стане екстремно тешко и -практично невозможно.

Усвојувањето на овој Закон би донело далекусежни последици односно „ старомодни, неатрактивни и тесно специјални наставни програми кои не соодветствуваат со реалноста и потребите на пазарот на труд во земјата и светот“.

-Европските искуства се прилично јасни: силни универзитети се градат врз реална институционална самоуправа, стабилно финансирање и доверба во академската заедница, а не врз централизирана контрола и административни механизми. Автономијата не е формула во закон, туку начин на функционирање на системот

-повторно менување на телата и процедурите, без да се решат суштинските проблеми, ризикуваме да добиеме уште една нормативна реформа без реален ефект врз квалитетот

-Наместо стабилен академски развој, системот повторно се враќа во состојба на нормативна транзиција. Системот е за студентот, а не студентот за системот. Ако студентот не почувствува разлика, реформата не успеала“

-Фамозниот h-index не е дефинирано ни за кој h-index се работи, иако го има и на WoS, Scopus, google scholar, а притоа не зависи од самиот професор, туку од бројот на цитирања во рамки на една база, на слободен избор на оние кои пишуваат.

-законот премногу се фокусира на процедура, а недоволно на суштинските проблеми: недоволното финансирање на научни истражувања, политизацијата на универзитетите, одливот на млади кадри и слабата поврзаност меѓу образованието и пазарот на труд. Без реална поддршка за научно-истражувачка работа и подобрување на статусот на професорите и соработниците, секоја законска промена може да остане „реформа на хартија“.

-Во предложениот закон зборот „влада“ се споменува триесет пати, зборот „министерство“ четириесет и два пати, а „министер“ четириесет и четири пати“, рече Костадиновска – Стојчевска.

– Министерке, дали сметате дека овој предлог навистина ги опфаќа сите профили кои студираат на нашите високо образовни институции? Дали суштински се решаваат проблемите со тоа што се скратуваат можностите на младите да останат да работата на некоја високообразовна институција? На крај, дали ќе го повлечете законот и ќе пристапите кон изработка на нов предлог закон?