Давидовиќ очекува масовни ослободителни пресуди за „Пулс“

Тој оцени дека функционерите евентуално би можеле да се гонат за несовесно работење во службата, но тврди дека обвинителството свесно ја избрало потешката правна квалификација со цел да се избегне застарување на делата.

Во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, адвокатот Звонко Давидовиќ изнесе сериозни правни забелешки во врска со судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, оценувајќи дека правната квалификација за најголемиот дел од 34-цата обвинети е правно неодржлива. Како бранител на двајца од обвинетите, Давидовиќ посочи дека е апсурдно градоначалници и директори на институции да одговараат за член 288 од Кривичниот законик, односно за предизвикување општа опасност со пожар, бидејќи, според неговите ставови, за вакво дело може да биде одговорен само оној што директно го предизвикал пожарот.

Тој оцени дека функционерите евентуално би можеле да се гонат за несовесно работење во службата, но тврди дека обвинителството свесно ја избрало потешката правна квалификација со цел да се избегне застарување на делата.

Во емисијата, Давидовиќ ја критикуваше и селективноста на правдата, прашувајќи зошто локалните обвинители во Кочани не сносат одговорност, кога, според неговите зборови, и самите знаеле за нелегалната работа на објектот.

„Ајде да споредиме, да погледнеме друга ситуација, имате нешто ужасно што се случи во Кочани, и вие ја лоцирате ситуацијата и обвинувате 30-40 луѓе. Ако одите по тоа размислување и на таков начин, тој што бил надлежен да врши контрола одговара за злоупотреба на службена положба. Тој што не му овозможил средства да работи, и тој одговара за злоупотреба на службена положба и несовесно работење. Тој што го предвидел и кој треба да обезбеди на другиот простор за работа, и тој одговара за злоупотреба на службена положба. Не треба да измислуваме млака вода, проблемот е што нашиот правен систем не функционира. Проблемот е што нашата држава е партизирана, институциите на системот се заробени, што се применуваат двојни аршини и селективна правда. Ако ги погледнете работите, многу лесно ќе констатирате кој ги пропуштил должните дејствија или ги презел онака како што не смеел да ги преземе“, изјави Давидовиќ.

Тој ја опиша атмосферата во судницата како наелектризирана и исполнета со навреди кон одбраната, додавајќи дека поради вака поставеното обвинение очекува масовни ослободителни пресуди за речиси 30 лица од вкупно обвинетите 34.