Тепачка во парламентот во Турција за време на положување заклетва

Во турскиот Парламент денес избувна тепачка меѓу претставници на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) за време на положувањето заклетва на новиот министер за правда, Акин Гурлек, а седницата беше прекината неколку пати.

Инцидентот се случил кога, како што објавува турскиот „Хуриет“, Гурлек отишол до говорницата да положи заклетва, по што пратениците на ЦХП се приближиле до говорницата, а пратениците на АКП возвратиле , што довело до физички конфликт.

Во инцидентот, пратеникот на АКП од Анкара, Осман Гокчек, и пратеникот на ЦХП од Шанлиурфа, Махмут Танал, физички се судрија, а турските медиуми објавија дека на Танал наводно му е скршен носот.

Претходно, заменик-шефот на пратеничката група на ЦХП, Мурат Емир, оцени дека назначувањето на Гурлек за министер за правда е неуставно, наведувајќи дека судиите и обвинителите, доколку не поднеле оставка, не можат да се занимаваат со политика. Заменик-шефот на пратеничката група на АКП, Абдулхамит Ѓул, ги отфрли тие тврдења, нагласувајќи дека постапката е во согласност со Уставот и деловникот, како и дека министрите мора да положат заклетва пред парламентот.

Заменик-претседателот на Парламентот, Бекир Боздаг, ги прочита релевантните одредби и го покани Гурлек да положи заклетва, по што дојде до гужва и вербални конфликти меѓу пратениците, а седницата беше привремено прекината.