Како Балканот заврши во фајловите на Епштајн?

Кога американските власти ги отворија новите „Epstein files“, Балканот одеднаш се појави на мапата на еден од најмрачните скандали на 21 век. Наместо да остане далечна периферија, регионот влегува во документите како мрежа од научни проекти, агенции за модели, претседатели, дипломати и мали држави што се обидуваат да играат во лига на глобалните елити. Но она што го покажуваат фајловите е далеку понијансирано од конспиративните наративи што доминираат по социјалните мрежи.

Кога американските власти ги отворија новите „Epstein files“, Балканот одеднаш се појави на мапата на еден од најмрачните скандали на 21 век. Наместо да остане далечна периферија, регионот влегува во документите како мрежа од научни проекти, агенции за модели, претседатели, дипломати и мали држави што се обидуваат да играат во лига на глобалните елити. Но она што го покажуваат фајловите е далеку понијансирано од конспиративните наративи што доминираат по социјалните мрежи.

Северна Македонија влезе во Епштајн наративот преку проектот за мозочно ткиво: од Скопје биле испраќани стотици примероци на мозок до американски универзитети за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Институтот за судска медицина и македонски лекари поврзани со Columbia University се појавуваат како партнери во „најголемиот меѓународен проект“ во кој учествувале, што отвори сериозни прашања за етиката, согласноста на семејствата и државниот надзор, особено затоа што оваа научна трага завршува во истиот корпус со документите за сексуалните злосторства на Епштајн.

Косово и Србија влегуваат претежно преку дипломатски и политички коридори. Во email од 2012, косовски дипломат во Тајланд му праќа на Епштајн линк за Беџет Пацоли со прашањето „Who is Behgjet Pacolli?“, на барање на „принцеза од Тајланд“ која треба да го сретне во ОН. Подоцна, во серија преписки со европскиот дипломат Миодслав Лајчак, во игра влегуваат и дијалогот Косово–Србија и Црна Гора: Лајчак го најавува Епштајн како „пријател“, зборува за регионалната политика и пишува дека претседателот Мило Ѓукановиќ „со нетрпение ја очекува нивната посета“, нешто што Ѓукановиќ јавно го негира. Овде Балканот се појавува како сценографија за дипломатски networking, а не како терен на документирани злосторства.

Хрватска и Бугарија носат поинаква симбиоза на секс, бизнис и престиж. Докторот Борис Николиќ, образован во Загреб и афирмиран во САД како биотех инвеститор и поранешен советник на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, се појавува како човек кого Епштајн го наведува како можен извршител на својот тестамент и посредник за банки и стартапи. Во email‑ите му препорачува одмор на Јадранот, испраќа линкови од загрепски modeling агенции, коментирајќи дека Загрепчанките се „фантастично убави“, а паралелно преку него се разгледува kupување хрватски воен брод Olimp M‑46 со сложена шема преку швајцарска фирма – зделка што никогаш не се реализира.

Во бугарскиот случај, медиумските анализи посочуваат на најмалку неколку стотини спомнувања на „Bulgaria“ во новите документи, поврзани со агенции за модели од Софија, авионски билети за млади Бугарки до Њујорк и можни договори со бугарски доктор, веројатно пластичен хирург. Овде, матрицата е многу поблиску до класичниот Епштајн профил: наплив на моделинг, телесен капитал и потрага по „талент“ во сиромашни или периферни земји.

Грција како финансиска лабораторија, Балканот како митологија

Грција е единствената балканска држава која во „Epstein files“ се појавува илјадници пати. Не како извор на жртви, туку како пример за финансиска криза и геополитички ризик кој богатите внимателно го следат. Email‑ите и анализите ги разгледуваат грчките обврзници, банките, програмите за спасување и исходот од референдумот во 2015 година, кога Алексис Ципрас и Јанис Варуфакис ја доведоа во прашање европската архитектура. Во една преписка, банкиерката Ариан д‑Ротшилд објаснува дека Ципрас „ја сакал главата на Варуфакис“ и ја добил, а Евклид Цакалотос го смирува тонот кон кредиторите – детали што покажуваат колку Епштајн внимателно ја следел грчката драма како можност за шпекулативни вложувања.

Во овој контекст, Балканот не е централен јазол на Епштајн мрежата, туку повеќе лабораторија и резервоар на модели, ткива за научни проекти, на мали режими што бараат симболичен легитимитет и на кризи што глобалните елити ги анализираат од безбедна дистанца. Проблемот започнува кога секое појавување на име, град или држава во фајловите се претвора во доказ за вина. Тогаш суровите документи стануваат суров материјал за домашни митови: Косово прогласено за „pipeline за деца“, Македонија за „магацин на мозоци“, Хрватска и Бугарија за „фабрики за модели“, Грција за „финансиско игралиште на педофилските елити“.

Вистинската слика е посложена и многу понезгодна. Балканот не е центарот на скандалот, но е доволно присутен за да покаже колку лесно малите држави влегуваат во орбитата на глобалните мрежи – понекогаш за наука, понекогаш за пари, а понекогаш само за слика во туѓ inbox.

Преземено од Рацин