Во Холандија на повидок малцинска Влада на десниот центар

Социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66), конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) и демохристијанската Христијански демократски повик (ЦДА) доцна синоќа постигнаа договор за главните точки од програмата на нивната идна малцинска коалициска Влада.

Според холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС, договорот е постигнат по интензивните преговори во последните неколку дена на лидерите на трите партии, Роб Јетен од Д66, Дилан Јешилѓоз од ВВД и Анри Бонтенбал од ЦДА.

НОС наведува дека останува да се усогласат уште некои детали од коалицискиот договор, по што тој треба да биде одобрен од пратеничките групи на трите партии и веројатно ќе ѝ биде презентиран на јавноста в петок.

Согласно договорот, трите партии ќе формираат малцинска Влада предводена од Јетен, која ќе има 66 места во 150-члениот Долен дом на холандскиот Парламент или 10 помалку од потребните за парламентарно мнозинство. На таквата Влада ќе ѝ биде потребна поддршка од некоја или некои опозициски партии.

Договорот на трите партии следи по неуспешните преговори за формирање на мнозинска холандска влада по предвремените парламентарни избори на 29 октомври 2025 година, на кои изненадувачки победник беше Д66 на Јетен.