Авион без дозвола го прелетал пола Балкан

Авион од типот „Бичкрафт“ со две лица вчера без дозвола прелетал над воздушниот простор на Унгарија, Романија, Србија и Бугарија, соопшти денеска Министерството за одбрана на Романија

„Авионот што летал низ воздушниот простор на Романија на рутата која ги опфаќа Орадеа, Карансебес и Дробета-Турну Северин не покажал знаци на непријателство или опасно однесување. Пилотот не реагирал на радио повиците и визуелните сигнали на воените авиони кои го придружувале леталото во согласност со меѓународните правила“ – се наведува во соопштението.

Информациите се дека авионот полетал од реонот на унгарскиот град Дебрецен околу 17.30 часот, без одобрение и план за лет и со исклучени транспондери.

Два унгарски воени авиони го придружувале леталото во унгарскиот воздушен простор.

Околу 19 часот прелетал низ воздушниот простор на Србија и потоа влегол во воздушниот простор на Бугарија.

„Бугарските власти работат на терен и ја испитуваат последната позната позиција на авионот за да го идентификуваат и да откријат дополнителни детали“ – се наведува во соопштението на романското Министерство за одбрана.