Тајланд го легализира одгледувањето канабис, еден милион садници подарок од владата за граѓаните

Жителите на Тајланд сега можат да одгледуваат растенија канабис дома и да ги продаваат бидејќи државата ја отстранила марихуаната од списокот на забранети наркотици, пренесе index.hr.

Тајланд е и првата земја што го направи тоа во Југоисточна Азија, регион познат по строгите закони за дрога, пишува Би-Би-Си. Но, употребата на марихуана за рекреативни цели е сè уште забранета. Владата се надева дека развојот на локалната трговија со канабис ќе ги поттикне земјоделството и туризмот. За да ги поттикне граѓаните да одгледуваат канабис, владата донира дури милион садници.

„Ова е можност за луѓето и државата да генерираат приход од марихуана и коноп“, рече Анутин Чарнвиракул, вицепремиер и министер за здравство.

Официјалните лица ги предупредија луѓето да не пушат марихуана на јавно место

Клиниките низ целата земја, исто така, можат послободно да понудат канабис како третман. Тајланд беше прв во Азија што ја легализираше употребата на медицински канабис во 2018 година. Официјалните лица ги предупредија луѓето да не пушат марихуана во јавност и рекоа дека тоа се смета за кривично дело и дека прекршителите ризикуваат апсење.

Владата вели дека планот за легализација има за цел да ослободи околу 4.000 затвореници осудени за прекршоци поврзани со канабис. Во тајландскиот парламент во моментов се расправа за поширок нацрт-закон за контрола на канабисот. Поддржувачите на законот веруваат дека правилата за регулирање на употребата на канабис би можеле да се релаксираат во наредните години.