Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа останува во притвор

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, против кого се води истрага за примање поткуп, останува во притвор откако Основниот кривичен суд Скопје му ја продолжи мерката за обезбедување присуство за нови 30 дена.

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, против кого се води истрага за примање поткуп, останува во притвор откако Основниот кривичен суд Скопје му ја продолжи мерката за обезбедување присуство за нови 30 дена.

Првично определениот едномесечен притвор на Стафа истекуваше деновиве, а за продолжување на мерката за уште 30 дена утрово потврдија од Кривичниот суд.

Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамките на постапка што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Обвинителството сомнева дека тој сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Според истрагата, во периодот од октомври до 13 декември, Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет против негов клиент – лице што го застапувал како адвокат. Намерата била преку поткуп да се влијае врз службено дејствие кое не смеело да биде преземено.

По примањето на парите, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.

Лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот. Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.