Алта банка стана сопственик на акциите на Мијалков
Алта банка стана сопственик и на пакетот акции што државата ги управуваше како конфискуван имот во поранешната Стопанска банка Битола, со што практично се затвора приказната околу уделот поврзан со случајот „Империја“, објави „Фактор“, повикувајќи се на податоци од Македонската берза.

Станува збор за акции кои Агенцијата за управување со одземен имот ги понуди на јавна берзанска аукција откако Владата ѝ даде зелено светло за нивна повторна продажба. Купувач е Алта банка, но во берзанските објави не е наведено по која цена е реализирана трансакцијата.
Според официјалното соопштение, Алта банка АД Белград се стекнала со дополнителни 7.213 обични акции, со што нејзиниот удел во Алта банка Битола се искачи на 95,13 отсто од вкупниот број издадени акции.
Акциите беа дел од конфискуваниот имот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, и претставуваа околу 1,8 отсто од капиталот на банката. Јавната берзанска аукција траеше од 5 до 13 јануари, со почетна цена од 3.194 денари по акција, а плаќањето беше предвидено во денари, со рок од два дена по аукцијата.
Алта банка од Србија веќе во октомври минатата година стана доминантен сопственик на поранешната Стопанска банка Битола, откако нејзината понуда ја прифатија над 260 акционери. Со последната трансакција, банката дополнително ја консолидира сопственичката структура, додека државата повеќе нема удел преку управуван конфискуван имот.