Мицкоски: Бараме слобода за Ламбе!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара ослободување на Ламбе Алабаковски, додавајќи дека тоа е реакција на сите погрешни политики на владата изминатите години, потенцирајќи дека ниту претходно кога се уништувал државен имот од страна на Шарената револуција, ниту пак сега – не прифаќа насилство.

„Мојата порака е до оние кои што пред само неколку години како припадници на една револуција уништуваа државен имот, бојадисуваа државен имот, палеа канцеларија на претседател на држава, да ги ослободат судиите и обвинителите да донесат пресуда согласно правдата, да го ослободат Ламбе, да помине со укор, иако морам да признам ниту тогаш ниту сега насилството не го прифаќам како начин на решавање на проблемите. Но, ова е реакција на сите овие погрешни политики изминатите години и затоа барам слобода за Ламбе, да го ослободат човекот и да се свртат сами кон себе, да ги видат своите грешки за ова да не стане масовна појава во Македонија, бидејќи народот е револтиран правдината да ја земе сам во свои раце“ – изјави Мицкоски.

Мицкоски за пресудата за случајот „Талир 2“ рече дека „ова партизирано судство и обвинителство решило да го суди ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, тоа не го суди ВМРО-ДПМНЕ, туку го суди македонскиот народ, ја суди Македонија“.

„ВМРО-ДПМНЕ поминало многу премрежја во овие 30 години, ВМРО поминало многу премрежја во овие децении, така и ова ќе го поминеме. Имотот не е ВМРО-ДПМНЕ, имотот не е ВМРО, народот е ВМРО. Уште една се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената пречка за разнебитување на македонскиот идентитет и македонската држава од овие, би рекол, октроирани партизирани судии и обвинители на СДСМ и ДУИ. Ние ќе продолжиме да ја бараме правдата, ќе се бориме, нема да се повлечеме. Ако некој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ оваа пресуда ќе го обесхрабри, се лаже. Ова само дополнително ќе не мотивира да дојдеме до правдата и нашата борба да ја ослободиме Македонија од овие криминални политичари, да го ослободиме обвинителството и судството од закани, притисоци и од стегите, ќе продолжи. Ќе повторам уште еднаш, ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО не е имотот, ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО е народот на Македонија и самата Македонија. Продолжуваме да се бориме се додека конечно не ја добиеме правдата“ – рече Мицкоски.