
Оставка на шефот на кабинет на кипарскиот претседател по видеото за „црни пари“ во кампањата за претседателските избори
Директорот на кабинетот на кипарскиот претседател Хараламбос Хараламбус денеска си поднесе оставка откако се најде во видеото што во четвртокот беше објавено на Икс за „црни пари“ за финансирање на кампањата за претседателските избори, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на кабинет на кипарскиот претседател Хараламбос Хараламбус денеска си поднесе оставка откако се најде во видеото за „црни пари“ за финансирање на кампањата за претседателските избори, што во четвртокот беше објавено на Икс, јави дописничката на МИА од Атина.
Во објава на социјалните мрежи, Хараламбус посочи дека видеото е обид за поткопување на претседателот и Владата, нагласи дека неговите изјави и тврдења биле извадени од контекст, додаде дека веќе дал исказ пред надлежните органи, а паралелно отфрли секаков сомнеж за неговата чесност и изјави дека оставката претставува чин на институционална одговорност, со цел заштита на Владата, институциите и државата.
За оставката на директорот на неговиот кабинет претседателот на Кипар Никос Христодулидис рече дека не е по извршен притисок, ниту е чин на вина, туку е „чин на самодоверба и доверба“ и ги повика сите надлежни државни органи да ги искористат сите расположливи средства за целосно истражување на случајот во врска со видеото кое излезе во јавноста.
– Во такви моменти на криза, бидејќи сигурно е момент на криза и не се обидувам да ја претставам ситуацијата поинаку, секој лидер, кога има чисти раце, треба да биде трезвен, посочи Христодулидис.
Видеото објавено од профил под името Емили Томпсон, која се претставува како независна истражувачка и пишува дека го добила видеото според кое претседателот Никос Христодулидис наводно „го прекршил лимитот за финансирање на кампања од еден милион евра преку лукава семејна мрежа“, беше објавено на Икс, а во него се појавуваат поранешниот министер за енергетика Јоргос Лакотрипис, директорот на кабинетот на претседателот Хараламбос Хараламбус и Јоргос Хрисохос директор на групацијата „Cyfield“, најголемата градежна компанија на Кипар и се чини дека се снимени со скриена камера за време на приватни разговори.
За целиот случај, според кипарската новинска агенција, Никозија побарала помош од САД, Израел, Англија и Франција, а Христодулидис денеска посочи дека е „важен фактот што постои помош и од странски држави, но и од самата ЕУ“.
Кипарските медиуми пишуваа и дека Владата во пресрет на преземањето на претседателството на Европската Унија била предупредена за можен хибриден напад.
– Од ЕУ, во пресрет на преземањето на претседателството, бевме соодветно информирани за ова прашање, но тоа е прашање со кое управуваат надлежните служби на државата и извршната власт не се меша во истрагите што се во тек, рече кипарскиот претседател одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема.