
„Оне Македонија телекомуникации“ избран за трет мобилен оператор
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска донесе одлука дека „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“, е најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во државава.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска донесе одлука дека „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“, е најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во државава.
Од АЕК изјавија дека со денешната одлука почнува да тече рокот од 10 дена за уплата на еднократниот надомест за трите фреквенциски опсези, што се доделуваа со тендерот, во вкупен износ од 8.020.003 евра. Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за одобрението А1 е 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 е 1,5 милион евра, а за одобрението C1 – 2,32 милиона евра.
По уплатата ќе може да се издаде одобрението, а компанијата може да стартува со работа теоретски веднаш, односно да побара пристап преку мрежите на постоечките оператори до изградба на своја инфраструктура.
Првиот критериум што ќе треба да го исполни новиот оператор е до крај на март 2027 година еден град да покрие со 5 Г, до крајот на 2028 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Носителот на одобрението мора да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од 1 година од датумот на отпочнување на важност на одобрението. Во областите каде што има слаба или воопшто нема покриеност, доколку носителот на одобрението планира да гради нов сајт ќе мора да ги консултира и останатите оператори за заедничко инвестирање. Исто така операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.
– Според условите на тендерот почетокот на сервисот е до крајот на 2026 година, така што по носењето на официјалната одлука од страна на АЕК ќе почнеме со официјален процес на воспоставување нова мобилна мрежа во Македонија. Најдоцна до крај на 2026 година мора да почнеме операција во најмалку еден град во Македонија, може да биде и порано, но тоа е краен рок кој го користиме како ориентација за нашите плански активности, изјави Бране Ѓуровиќ, извршен директор на ОНЕ Македонија, на 22 август минатата година, по отворањето на понудите на тендерот а на кој беа единствен понудувач.
Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и С1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението В1 – 8 години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.
Од АЕК велат дека влезот на третиот мобилен оператор во државава ќе ја зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше константна забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски во изјава за медиумите тогаш оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата 4иГ ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператора во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.