
Анима Мунди: Глутници кучиња од Албанија преку ноќ се појавија во Скопје
Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ алармира и бара итна, темелна и независна истрага поради, како што наведуваат, сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во Скопје, појава што директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ алармира и бара итна, темелна и независна истрага поради, како што наведуваат, сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во Скопје, појава што директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во последните денови на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои не се познати на локалното население и не припаѓаат на постоечката улична популација. Станува збор за нестерилизирани и необележани животни, што, според „Анима Мунди“, исклучува природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека ЈП „Лајка“ нема оставено или испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани кучиња на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите населби, а новите животни не се дел од таа популација.
Дополнително, на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што отвора сериозни сомнежи за нелегален, можен прекуграничен транспорт и напуштање животни.
„Анима Мунди“ бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на влезно-излезните правци кон Скопје. Од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство се бара да утврдат кој, како и од каде ги транспортирал и истоварил животните, со оценка дека не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Здружението посочува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што доставиле предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните и на Кривичниот законик, со кои овие дејствија би се третирале како кривични дела, по примерот на Хрватска.
Истовремено, се упатува итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори на ниво на сите градоначалници, со нагласување дека секоја општина мора хумано и законски да го решава проблемот со уличните кучиња преку масовна стерилизација, јасна евиденција и строги санкции.
„Ова не е проблем на една општина, туку системска злоупотреба која мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага и најстрога одговорност за сторителите.
Преземено од Фокус