Партијата на Слави Трифонов излегува од бугарската Влада

Бугарската партија „Има Таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов излегува од Владата. Трифонов соопшти дека става крај на коалицијата и на агонијата.

„Излегувам од Владата. Од денес ги повлекувам министрите на `Има таков народ` и ставам крај на оваа коалиција и на оваа агонија“ рече тој.

Претходно министрите од оваа партија ја напуштија седницата на Владата поради, како што вели нивниот лидер, лошиот буџет на Асен Василев.

Според Трифонов, коалицијата не функционира и за „Има таков народ“ нема место во таа Влада.

Тој додава дека за ваквиот потег има две причини – Република Северна Македонија и фактот дека во државата нема веќе пари.

„Петков води поинаква надворешна политика од таа на МНР и на Народното собрание. Премиерот си зеде свој министер за надворешни работи која се вика Весела Чернева и на различни лидери во Европа и во светот им ветил дека ќе го крене ветото за РС Македонија и прави се што може тоа да се случи и покрај тоа што огромен дел од бугарските граѓани бараат РС Македонија да го исполни договорот меѓу двете држави. Македонија е важен дел од нашата историја и душа и никој нема право да носи еднострани одлуки против волјата на бугарскиот народ“ – вели Трифонов.