Вучиќ: Да си помогнеме меѓусебно за да ја преживееме зимата!

Претседателот на Србија – Александар Вучиќ на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид рече дека тоа е иницијатива на луѓе од Балканот за која изрази уверување дека ќе ја поддржат се повеќе граѓани на С. Македонија, Србија и Албанија, но и други земји од регионот.

„Ова е нешто незапирливо, добра идеја и со текот на годините ќе има се повеќе поддржувачи. Секогаш сакам со суштина да ги исполнам нашите односи, затоа мислам дека е важно на следниот состанок веднаш да се формираат работни групи, кои предлагам да бидат некаде во јужна Србија, пред големиот самит што го имаме и саемските настани на крајот на летото во Белград. Да се договориме да формираме работни групи кои ќе се грижат како да се надминат тешкотиите со залихите на храна и во областа на енергетиката, како да си помогнеме меѓусебно за да ја преживееме зимата, бидејќи мислам дека тоа е од најголем интерес за сите граѓани на нашите три земји и целиот регион. Во формирањето на тие работните групи и на тие договори доколку сакаат да учествуваат добредојдени се претставниците на Црна Гора, БиХ, Приштина, кој и да сака“ – рече Вучиќ.

Тој наведе дека е важно забрзување на сите заеднички проекти.

„Денеска потпишуваме договор за дипломи со кој ќе се забрзаат сите процеси околу работните дозволи. Ајде да видиме што друго бараат луѓето да направиме, да ги слушаме нашите стопански комори, што можеме да олесниме во трговијата со стоки, капитал, луѓе и услуги, што можеме да направиме за туризмот и привлекување српски граѓани во Албанија и Северна Македонија и да ги поканиме нашите пријатели Албанци и Македонци да ја посетат Србија“ – рече Вучиќ.

Тој посочи дека е горд што од иницијатива која никој не ја следеше, „Отворен Балкан“ денес прерасна во нешто за кое сите се заинтересирани во интерес на напредокот на целиот регион.

– Тоа е единственото нешто од за кое никој не може да не спречи, зависи само од нас. Од нас секогаш зависи нашиот однос со соседите. Очекуваме хеликоптери кои дополнително ги купивме специјализирани за гаснење пожари и ќе бидеме подготвени во секое време да интервенираме и да им помогнеме на нашите пријатели Албанци и Македонци, додаде српскиот претседател.