Светска банка предвидува раст на БДП во земјава за 2,7 отсто за годинава

Светска банка предвидува раст на бруто домашниот производ на Македонија од 2,7 проценти годинава и 3,1 отсто во 2023 година. Економскиот раст во 2024, според проекциите на СБ, ќе достигне 3,2 отсто.

Прогнозата за глобалниот раст за 2022, пак, е намалена за речиси третина, на 2,9 отсто. Главни причини за тоа се рускиот напад врз Украина и штетите предизвикана од пандемијата Ковид-19, кои придонесоа многу земји сега да се соочуваат со рецесија.

Претседателот на Светска банка – Дејвид Малпас предупреди дека глобалниот раст годинава би можел да падне на 2,1 отсто, во 2023 година на само 1,5 проценти.

Тој посочи дека глобалниот раст е попречен од војната, новите ковид локдаун мерки во Кина, прекините во синџирите на снабдување и растечкиот ризик од стагфлација, односно периодот на слаб раст и висока инфлација, кој последен пат е забележан во 70-тите години од минатиот век.

Светска банка предвидува дека темпото на глобалниот раст меѓу 2021 и 2024 година ќе забави за 2,7 процентни поени, што е повеќе од двојно од забавувањето забележано помеѓу 1976 и 1979 година.