Светска банка и одобри помош на Украина од милијарда и пол долари

Светска банка очекува дека средствата од одобрениот проект ќе бидат наменети за исплата на плати на државните и социјалните работници.

Извршните директори на Светска банка одобриле 1,49 милијарди долари дополнително финансирање за Украина, потврдија од таа меѓународна финансиска институција.

Новите средства се дел од вкупниот „тежок“ пакет за поддршка од повеќе од 4 милијарди долари обезбеден од Светската банка. Пакетот вклучува финансиски гаранции од Велика Британија, Холандија, Литванија, Латвија и други земји, пренесува Танјуг.

Пари за плати на работниците

Светска банка очекува средствата од проектот да се искористат „за исплата на плати на државните и социјалните работници“.

Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас рече дека банката „соработува со земјите донатори за да мобилизира финансиска поддршка“ и презема чекори за „да им помогне на Украинците да имаат пристап до здравствени услуги, образование и социјална заштита“.