Бугарија планира задолжување од 5,3 милијарди евра во 2022 година
Бугарската влада сака лимитот на новото државно задолжување да се зголеми на 10,3 милијарди лева (5,3 милијарди евра) оваа година.
Претходно беше планирано задолжување од 7,3 милијарди лева (3,7 милијарди евра).
Тоа е барањето на владата во рамки на планираниот ребаланс на буџетот, кој неделава ќе се гласа во Собранието, изјави министерот за финансии Асен Василев.
Овој потег ќе и овозможи на земјата да ги искористи пониските каматни стапки на новите државни хартии од вредност доколку се издаваат оваа година наместо во 2023 година, рече Василев, пишува бугарскиот весник „Дневник“.
Бугарија треба да отплати меѓу 2,5 и 3,0 милијарди лева (1,3 до 1,5 милијарди евра) во 2023 година на име обврски врз основа на еврообврзници, а издавањето повисок долг оваа година ќе ги обезбеди потребните средства, додаде министерот, пренесува Seenews.