Јапонија и НАТО ја зајакнуваат воената соработка
Официјални лица од Јапонија и воената алијанса на НАТО денеска се договорија за зајакнување на воената соработка.
Тие, исто така, се согласија да го зголемат спроведувањето на заедничките воени вежби, поради загриженоста дека руската воена операција во Украина го нарушува безбедносното опкружување во Европа и Азија.
Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши на почетокот на средбата со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, изјави дека Јапонија сака да ги зајакне врските со европските земји.
Тој додаде дека Јапонија го поздравува поширокиот ангажман на НАТО во индо-пацифичкиот регион.
„Безбедноста на Европа и Азија се тесно поврзани, особено сега кога меѓународната заедница се соочува со сериозни предизвици“, рече Киши.
Јапонското Министерство за одбрана објави и дека јапонски и американски борбени авиони спровеле заеднички вежби над Јапонското Море.
Кабинетот на премиерот Фуми Кишида го одобри планот кој предвидува зајакнување на одбранбените капацитети и зголемување на буџетските средства за одбраната во следните пет години.