
ДЗР: Буџетот за 2024 со сериозни слабости, раст на долгот и кратење на капиталните инвестиции
Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот објавен на 30 декември 2025 година констатира сериозни слабости во планирањето, прераспределбата и реализацијата на буџетските средства за 2024 година. Иако буџетскиот дефицит е намален на 4,4 проценти од БДП во однос на претходната година, тој и натаму го надминува законски дозволеното ниво од 3,4 проценти утврдено со Фискалната стратегија.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот објавен на 30 декември 2025 година констатира сериозни слабости во планирањето, прераспределбата и реализацијата на буџетските средства за 2024 година. Иако буџетскиот дефицит е намален на 4,4 проценти од БДП во однос на претходната година, тој и натаму го надминува законски дозволеното ниво од 3,4 проценти утврдено со Фискалната стратегија.
Според ревизорите, со ребалансот на Буџетот во август и прераспределбата во декември 2024 година направени се значајни промени во структурата на трошењето. Најголем раст е регистриран кај субвенциите и трансферите, кои се зголемени за 38 проценти, додека капиталните расходи се намалени за 27 проценти. ДЗР укажува дека Министерството за финансии не ја почитувало препораката на Фискалниот совет за запирање на пренамената на капиталните средства во тековни расходи, со што се ограничуваат инвестициите и се зголемува дефицитот.
Ревизијата укажува и на сериозни пропусти во буџетското планирање. Од анализираните 31 буџетски корисник, за 16 проценти од нив Министерството за финансии самостојно изготвило предлог-буџети, поради недоставени стратешки планови од институциите. Ова, според ДЗР, создава ризик буџетот да не ги одразува реалните потреби на корисниците.
Забележани се и законски прекршувања. И покрај забраната за намалување на средствата за Судската власт при ребаланс, нејзиниот буџет е скратен за над 42 милиони денари. Дополнително, државата не ги обезбедува законски предвидените средства за рамномерен регионален развој – наместо задолжителните 1 процент од БДП, распределени се само 0,08 проценти.
Во однос на јавниот долг, ревизорите предупредуваат на влошување на состојбата. На крајот на 2024 година, јавниот долг достигнал 9,6 милијарди евра или 62,4 проценти од БДП, што претставува раст од 13,5 проценти во однос на 2023 година. Дополнителен проблем е слабата реализација на странските кредити – од одобрени проекти во вредност од 3,7 милијарди евра, искористени се само 37 проценти, а државата платила 23 милиони евра провизии за неповлечени средства.
Финансиската нестабилност е изразена и на локално ниво. Во декември 2024 година, 10 општини имале блокирани сметки, а вкупните налози за извршување доставени до Министерството за финансии изнесуваат 1,8 милијарди денари, при што значителен дел од долгот отпаѓа на камати и дополнителни трошоци.
Како позитивен аспект се наведува растот на даночните приходи, при што Управата за јавни приходи и Царинската управа забележале зголемена наплата на ДДВ, данок на добивка и данок на личен доход. Сепак, ефектите се намалени поради одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за данок за солидарност, поради што државата ќе треба да им врати на компаниите околу 49 милиони евра.
На крајот, ДЗР изразува загриженост поради забавената имплементација на Интегрираниот финансиски информациски систем (ИФМИС), чија цел е модернизација на управувањето со јавните финансии, а чие целосно воведување е одложено за почетокот на 2026 година.